„Снежана на крајот умира“, „Кајмак“ и „Од рајот“ се трите македонски наслови со кои Кинотеката од утре ќе ја започне својата филмска програма во новата година. По овој мини-вовед во кинотечната Нова година, следува Кино утро со филмски наслови наменети за младата публика.
„Кајмак“ на Милчо Манчевски и „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески имаа одличен одѕив кај публиката, па нивното повторно повторно прикажување е по барање на филмофилите. Црната комедија „Од рајот“ на Срѓан Драгојевиќ, во која и Македонија е копродуцент преку „Сектор филм“, имаше премиера минатата година.

Играниот филм „Снежана на крајот умира“ ќе биде прикажан на 4 и 5 јануари во терминот од 18 часот. Улогите ги толкуваат: Наташа Петровиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Тино Костадиновски, Давид Јанакиев.
Седум луѓе живеат во време и простор кои се во конфликт со нивните вредности. Откако ќе ѝ вети на својата најдобра другарка, која е на смртна постела, дека ќе се грижи за нејзиниот син, Снежана станува „мајка“ на Боби, 20-годишен arkoman. Маја е „волк самотник“, не комуницира „очи в очи“ со луѓе, а Игор е „риба надвор од вода“, има Аспергер синдром. Иако не би требало да имаат прилика да се сретнат, тие се сретнуваат и се вљубуваат. Никола, Горазд и Дејан се другари од детство, „маалска екипа“ која се мачи да се прилагоди на овој нов свет, дехуманизиран од виртуелната комуникација, релативизацијата на моралот и агресивната инвазија на политиката врз нивните животи.

Актерот Александар Микиќ во сцена од „Кајмак“
„Кајмак“ на Манчевски ќе биде прикажан на 4, 5, 9, 10 и 11 јануари во термините од 20 часот. Филмот на Манчевски е копродукција помеѓу Македонија, Данска, Холандија и Хрватска. Улогите ги толкуваат: Ана Стојановска, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Александар Микиќ, Сара Климоска, Филип Трајковиќ.
Неконвенционална љубовна приказна, но и критика на нелибералното лицемерие, „Кајмак“, седмиот игран филм на Манчевски ја следи ситуацијата во две семејства. Едното се млада и добро ситуирана брачна двојка која се обидува да добие дете, а другото се нивните соседи, кои живеат во куќарка подеднакво шарамантно распадната како и нивниот брак. Првите својот проблем ќе се обидат да го решат со роднина од село која ќе се всели кај нив, а вторите со примање на продавачката на кајмак во нивната заедничка постела. И двете семејства си ја бараат среќата, секое на свој начин. Оваа црна комедија под површината се занимава и со помрачни социјални прашања – сурогат родителство, неверство, улогата на жената во семејството и општеството, трговијата со луѓе, сексуалната слобода итн., а светската премиера ја имаше на Токискиот филмски фестивал во 2022.
Од 9 до 11 јануари, од 17 часот, на реперотарот на Кинотеката ќе биде последниот филм на српскиот режисер Срѓан Драгојевиќ – „Од рајот“ (Небеса). Филмот е копродукција помеѓу: Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Македонија. Играат: Горан Навојец, Ксенија Маринковиќ, Бојан Навојец, Наташа Марковиќ.
После половина век комунизам и атеизам, во ексјугословенското општество се враќа христијанството. Оваа филмска алегорија со елементи на црна комедија е инспирирана од трите приказни на францускиот писател Марсел Ајме. Приказните за влијанието на чудата врз посткомунистичкото општество во транзицискиот период се одвиваат во 1993-та, 2001-ва и 2026-та година.

Сцена од „Од рајот“
Појавата на чуда е одговор на колективната свест на промените, кои ја присилуваат целата заедница светот околу себе, превртен наопаку да го гледа воново светло и чудесна перспектива. Овој филм поставува некои од суштинските прашања на современиот свет – Веруваме ли во Христа или се поклонуваме на Златното теле – идолот кој ги опредметува парите, конзумеризмот и алчноста? Како да го разликуваме Божјиот дар од Искушението на ѓаволот? Кога е Божјата милост всушност клетва? „Од рајот“ е филм што поставува бројни прашања, но не нуди едноставни одговори. Филмот премиерно беше прикажан на Интернационалниот филмски фестивал во Локарно, по што учествуваше на повеќе европски и балкански фестивали: Котбус, СинИст, Балкан Панорама, Острава Камера Око, Валенсија итн. Во август беше дел од официјалната програма на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Директор на фотографијата е Душан Јоксимовиќ, редовен соработник на Срѓан Драгојевиќ, со кого ја снимиле комплетната филмографија на режисерот.





