Романот „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски е македонскиот претставник за престижната меѓународна книжевна награда „Балканика“. Книгата е издание на „Или-Или“, а ја номинира комисијата составена од Јордан Плевнеш (претседател), Александар Прокопиев и Јовица Тасевски-Етернијан. Во конкуренција биле 13 книги, а во најтесен избор влегле и „Естом“ од Николина Андова-Шопова и „Најосаменото место“ од Симеон Јанков.
Манифестацијата „Балканика“ треба да се одржи во првата половина од годинава. Од Македонија досегашни добитници на наградата се Венко Андоновски за „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев за „Човечулец“.





