Во Младинскиот културен центар вечерва во 20 часот ќе биде изведена претставата „Снег“ од Максанс Фермин, во режија на Зоја Бузалковска, на независната продукција „Штрих“. Превод од француски јазик е на Владимир Мартиновски, продуцент е Андреа Маркоска, сценографијата е на Ненад Тонкин, а костимографија на Роза Трајчевска. Музиката ја компонираше Давид Ангелевски, а бушидо-културата и сценските движења ги подготви Иванчо Горјанин.
Играат: Марјан Наумов, Томислав Давидовски, Александар Степанулески, Јанка Лефкова, Ава Хусеини, Лазар Христов, Нела Павловска и Мартин Мазнев.
– За јапонската култура македонската публика знае малку, а јапонските прозни и драмски дела се ретко поставувани на македонската театарска сцена. Иако прекрасната новела „Снег“ е дело на францускиот автор Максанс Фермин, таа во себе ја содржи срцевината на јапонската култура во најширока општествена и историска смисла. Освен тоа, таа е новела-мост помеѓу двете култури, онаа на Далечниот Исток и онаа на Западот. Во таа смисла, работата на еден ваков материјал е огромна провокација за целиот креативен и актерски тим, зашто подразбира истражување и учење на култура која е тотално различна од нашата, како и усвојување на низа вештини, потребни за да се раскаже оваа толку необична бајковидна приказна – велат од „Штрих“.
„Снег“ зборува за себепотрагата и за љубовта. Таа го следи патот на младиот поет Јуко Акита до себеси и до боите во неговите снежнобели хаику стихови. На тоа необично патување до разгатнувањето на тајните на уметничката креација, Јуко открива прекрасна, љубовна историја, нежна и суптилна, која засекогаш ќе го промени неговиот живот.
Билети ќе може да се купат на билетара на МКЦ и онлајн на линкот. Претставата ќе биде изведена и задутре во истиот термин.





