За 1,5 милијарда денари е зголемен годинашниот буџет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Лани УКИМ располагал со 2,2 милијарди денари, а годинава има 3,7 милијарди денари.
– Од јануари годинава, поголемиот дел од вработените на државните универзитети имаат зголемување на бруто платите, без минатиот труд, во просек за околу 14 отсто. За помал дел од вработените зголемувањето е во просек за околу 8 отсто – рече министерката за образование и наука Весна Јаневска која вчера учествуваше на научната конференција „Новите предизвици во високото образование и синдикалното движење“.
Конференцијата се одржа по повод одбележувањето на петгодишнината од основањето на Сојузот на синдикати на УКИМ.
– Преку конструктивен социјален дијалог, успеавме да ги зголемиме платите во високото образование. Решени сме да направиме реален исчекор во квалитетот на образованието, вклучително и на високото образование. Ги зголемивме вложувањата, но и нашите очекувања од академската фела се големи – рече Јаневска.
Таа нагласи дека очекува универзитетските професори да им бидат вистински ментори на студентите, да им помогнат да стекнат што поквалитетни знаења и вештини, а паралелно и континуирано да работат на својата научна надоградба и да објавуваат трудови.
– Критериумите за добивање и задржување на професорската титула на светски признатите универзитети мора да важат и кај нас, ако сакаме и нашите универзитети да се видливи на ранг-листите на најдобрите. Тоа ќе им овозможи на нашите студенти да добијат најдобра подготовка за предизвиците што ги носи утрешнината – рече Јаневска.





