Слушачки промоции на „Теохаров“ на 5. Џез фактори фестивал

На 5. Џез фактори фестивал кој викендов до синоќа се одржа во Битола, секојдневно за пасионираните аудиофили, во фоајето на Народниот театар во Битола, македонскиот бренд за high end аудиоопрема „Теохаров“ одржа слушачки промоции на кои се ужива во нивната софистицирана опрема.

Влатко Стефановски е бренд амбасадор на „Теохаров“ и за него е направена посебна линија која неодамна имаше презентации и надвор од границите на светски настани на аудиофили.

– Со овој фестивал имаме посебни релации и сме нивна поддршка. Битола е одлична пригода да покажеме што имаме, затоа што овој град има рафиниран однос кон култура, но има и исклучителни аудиофили. Имаме и наши клиенти, некои од нив дојдоа на овие наши презентации, но запознавме и многу нови интересни личности со кои убаво е да се разменат мислења а и да се отворат теми поврзани со совршенството на звукот – истакна Михаил Теохаров.

„Теохаров аудио“, не само преку врвната технологија, туку и со „Аудио култура“ локацијата во Скопје и со застапништво за Македонија за винили од познати светски издавачи е еден редок пример на промовирање на квалитетен звук, однос кон квалитетна музика и уживање во неа.
Потрагата по совршениот звук продолжува понатаму, како што истакнуваат од „Теохаров“ и најавуваат повторна средба со битолчани за Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во септември.

Сподели