Филмот „Вечно млади“ во режија на Валерина Бруни Тедески ќе биде прикажан на „Синедејс“, вечерва во 20.30 часот на ГТЦ Кров. Кон крајот на 80-тите години на минатиот век, Стела, Виктор, Адел и Етјен имаат по 20 години. Полагаат приемен испит за прочуената актерска школа создадена од Патрис Шеро и Пјер Роман во Театарот де Амандје во Нантер. Итајќи со полна брзина во животот, страста и љубовта, заедно ќе ја искусат пресвртницата на своите животни, но и првата трагедија.
Во киното „Милениум“ во 22.30 часот, од Гала програмата ќе биде прикажан „Ѕвезди на пладне“. 1984 година во Никарагва, мистериозен англиски бизнисмен и тврдоглава американска новинарка започнуваат романса откако се вплеткуваат во опасен лавиринт на лаги и заговори и принудени се да се обидат да побегнат од земјата.
Во МКЦ парк во официјалната селекција ќе биде прикажан фимот „Крат“ во 20.30 часот. Децата ги оставаат кај баба им без смартфони. Реалниот живот им се чини здодевен додека не најдат инструкции за крат – волшебно суштество што ќе направи сѐ што ќе му каже господарот. Сега само треба да купат душа од ѓаволот.
Во ретроспективната програма во 22.30 часот во Кинотеката ќе биде прикажан „На работ на рајот“ на германскиот режисер со турско потекло Фатих Акин. Филмот е од 2007 година.





