Словачкиот поет Иван Штрпка е добитник на наградата „Златен венец на поезијата“, што Струшките вечери на поезијата ќе му ја доделат годинава. Иван Штрпка е роден на 30 јуни 1944 година во Хлоховец, Словачка. Две години работел како истражувач во областа на геодезијата. Завршил студии по шпански со словачки јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Комениус“ во Братислава. Во шеесеттите години на минатиот век заедно со поетот Петер Репка и Иван Лаучик , ја основа индивидуалистичката поетска група Осамени тркачи. Го напишаа нејзиниот манифест „Враќањето на ангелите“, кој беше забранет. Во него стануваше збор за слободата на мислењето, на животот и на творештвото, за одговорноста на поединецот и за отфрлањето на комунистичката диктатура и цензура.
Формираа сопствен начин на пишување и на животни вредности.
За време на Кадифената револуција во 1989 година беше соосновач и активист на движењето „Јавноста против насилството“. Главен уредник на обновениот легендарен неделник „Културен живот“. Дебитантска книга: „Кусото детство на копјаниците“ (1969). По книгата „Тристан дрдори“ (1971) – десетгодишна забрана за објавување. Издал цела низа од поетски книги, три книги есеи и романот „Заложник“.
Од најновите: „Тивка рака. Десет елегии“ (2006), „Фрагмент (од витешката) шума“ (2016), „Кајшто е мантилот, таму е ветрот“ (2018), „Чекорењето на Хермес“ (2022), „Гестови, факти, први лизгачи“ (2025). Напишал текстови за музички песни за дванаесет албуми на единствениот рок-композитор и пејач Дежо Урсини. Добитник е на повеќе книжевни награди. Преведуван е на многу европски јазици. Живее во Словачка, во Братислава и другаде.
За мене е голема чест и признание да ја примам во Македонија, на еден од најзначајните меѓународни фестивали на современиот свет на поезијата без граници, во Струга, наградата „Златен венец“ (2025). Воедно е и голема сатисфакција да влезам така во прекрасното друштво на одлични поети од целиот поетски свет, толку важни во сето ова време и за мене, напиша Штрпка во неговото обраќање. Ви го споделуваме во целина:
– Многу сум среќен што во оваа единствена прилика можам да ја изразам својата длабока убеденост дека заедно со нас – активните учесници, кај Вас трае и тоа во различни форми, на разни начини, преку заемни влијанија и конфронтации – и понатаму се развива и расте ‒ неизгасливата традиција на отворената современа европска поетска култура, која на сите страни апсорбира и емитира – однатре ги надминува и однадвор ги прима – различните национални, европски, но и други подвижни граници. Токму отворената жива европска култура како феномен составен од многу различни извори за мене претставува творечка основа на целата наша денешна заедничка Европа како проект и факт.
Почестен сум што можам отворено да се приклучам кон таквото поликултурно поетско наследство, кон постојаното создавање на единствениот сопствен, жив, неповторлив јазик на човечкото битие, кој го задржува исконскиот „баланс меѓу поединецот и општото“ – како што своевремено точно забележа Албер Ками. На свој начин, создавајќи се низ соодносите на современата песна, тој ја негува и ја продлабочува нашата денешна перцепција, чувствителноста на мислењето и на дејствувањето. И видливо го воздигнува нашиот личен единствен артикулиран глас. И ја одржува во живот незаменливата позиција на основните слободни културни вредности врз кои почиваат нашето човечко лице и нашиот жив јазик. И значењето – во нивната меѓусебна напнатост.
Неприкосновена е мрежата на песната што создава значења, која протекува како отворен процес на јазикот директно во нашата отворена мисла и пред нашите зачудени очи. И детето знае дека песната живее преку зборовите и низ зборовите. Зборовите се неопходни. Ама поезијата ги надминува своите зборови. И прераснува во сопствено значење. Тивко признавам дека потајум секогаш одново се обидувам да станам, барем за миг, поет. Се движам, се трудам. Но кој е тоа всушност, помеѓу нас, токму денес? И што значи тоа?
Да се читаме, да се пишуваме, да се истражуваме подлабоко! Нашиот отворен, однапред недовршен повеќеслоен јазик може да биде овде индивидуален, а притоа единствено заеднички. Можеме притоа попрецизно и подлабоко да се разбереме. Тоа е првичниот јазик што се создава во нас и со нас од почетокот.
Тоа е важно токму денес, среде несигурниот свет во кој вредностите на нашата перцепција и нивните визии се мошне небезбедно разнишани. Внатрешниот глас и неговиот внатрешен човек во песната истрајуваат на своето. Тоа е акција, трка, подвижен контекст, насочување кон човечноста. Притоа секој во својата доверлива еднина ја носи и нашата множина. А тука со нас е и здивот на почетниците. Во дружината на нашето прво поетско поврзување, кое заедно со Иван Лаучик и со Петер Репка, кај нас во Словачка го нарековме Осамени тркачи, е тоа сè уште важечко. Секој сам за себе, со сопствени сили, со сопствени чекори, ама притоа заедно со нас продолжува неразделивата поента. Одиме натаму!
Да се радуваме: и оваа монета уште важи. Благодарност за Вашето проникливо внимание. Да наслушуваме. Заедно да се држиме и подалеку од чудниот глас, кој упорно се бара во нас секогаш одново, кој во нас го бара јазикот од почетокот и никогаш не сака да исчезне.
Нашата надеж е да живееме посуштински и повеќе. Да одиме по непознатиот пат, да не ја изгубиме храброста да бидеме поети.





