Во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложба на дела од Ване Костуранов. Под наслов „Анатомија на копнежот“, тој ќе се претстави со 23 слики, акрил на платно, работени последните две години.
– Кога би се обидел да го објаснам копнежот, би го споредил со запирка, кратка пауза помеѓу некогаш и сега, горчливо-слаткиот вкус на калинката, или португалското saudade – неодреденото, но постојано копнеење за некој, или нешто надвор од хоризонтот на реалноста, времето помеѓу вдишувањето и издишувањето, да се чувствува она што зборовите не можат да го искажат – вели авторот.
Костуранов (1979) e сликар и илустратор роден во Струмица. Сликарството е негова прва љубов, која трае повеќе од 20 години. Реализирал повеќе самостојни изложби во земјата и странство, а учествувал и на многу групни изложби и ликовни колонии. Негови мурали може да се видат на неколку локации во Струмица и Скопје. Како илустратор, автор е на повеќе наградувани книги за деца, кои се преведени на повеќе јазици, како корејски, хрватски, српски, германски, турски, словенечки, португалски, италијански и др. Изложбата во МКЦ ќе биде отворена до 31 октомври.





