Ќе бидат изложени сите дела на Лубарда од колекцијата на МСУ, заедно со архивски материјали што се однесуваат на неговите изложби и донациите
Сликарскиот опус на Петар Лубарда, најзначајниот црногорски уметник и еден од најзначајните сликари во поранешна Југославија од втората половина на 20 век вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Музејот на современата уметност во Скопје. Ќе бидат изложени сите дела на Лубарда од колекцијата на МСУ, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на неговите изложби и донациите. Изложбата се отвора во годината кога се одбележуваат 60 години од скопскиот земјотрес, а ја организираат МСУ и амбасадата на Црна Гора во земјава. Куратори се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

Петар Лубарда (1907–1974) во меѓувоениот период студирал сликарство во Белград и Париз, а од 1932 година до неговата смрт во 1974 година живеел во Белград.
– Неговиот особено експресивен фигуративен стил кој се граничи со асоцијативна апстракција, му донесе посебно место во југословенската уметност, но и широко меѓународно признание, вклучително и една од трите меѓународни откупни награди за сликарство на Биеналето во Сао Паоло во 1953 година. Со изложбата ја одбележуваме и 70-годишнината и од овој важен настан – велат кураторите.
Улогата на Лубарда во формирањето на колекцијата на МСУ е многу голема. Непосредно по катастофалниот земјотрес, во октомври 1963 година, тој ги подарил сите 26 дела од неговата изложба во Ниш кои веднаш потоа се претставени на изложба во Скопје. Со тоа не станал само еден од првите, туку и меѓу најголемите дарители на МСУ.

– Тој не само што ја покажа својата лична хуманост и солидарност со граѓаните на разурнатиот град, туку преку оваа голема донација ја потврди и солидарноста како најголемата вредност на општеството во изградба и инспирираше многу други, кои придонесоа во создавањето на колекцијата на МСУ – велат кураторите.
Музејот во својата колекција има вкупно 52 дела – 40 слики во техника масло на платно и лесонит, два акварела и десет цртежи кои опфаќаат две и пол децении од кариерата на Лубарда (1942-1966). Изградена како заеднички потфат на авторот и Музејот, оваа колекција на репезентативен начин го претставува развојот на уметничкиот израз на уметникот, а според квалитетот и обемот претставува една од најзначајните и најобемните збирки на дела на Лубарда.
Најстарите дела во колекцијата, насловени „Од логорот“ се скици изработени во техника на акварел и туш се создадени за време на Втората светска војна кога Лубада престојувал во германски и италијански логори.

– Скицата во мал формат „Од логорот“ е направена во 1943 година за време на притворот и прикажува три варијации на иста сцена, која тој секојдневно ја набљудувал. Тука навистана е впечатлив начинот на кој еден клучен елемент е трансформиран. Бодликавата жица, што обично се користи за дефинирање на границите и ограничување на движењето, овде Петар Лубарда ја прикажува како искината и фрлена на земја – линеарната арабескна структура на жицата во неправилна слободна форма, поставена наспроти синото небо – веројатно како метафора за стремежот на уметникот за слобода – толкуваат кураторите.
По ослободувањето, Петар Лубарда игра клучна улога во процесот на модернизирање на културната сфера и развојот на современата ликовна уметност во југословенскиот уметнички простор.
Преку континуинираното присуство на самстојните и групните изложби, врската на Лубада со македонската уметничка сцена ќе се зацврствуа, а секако и македонската критика, преку бројните текстови на повеќе автори од различни генерации ќе даде придонес во потврдувањето на вредноста и значењето на творештвото на Петар Лубарда и за развојот на нашата локална уметничка сцена. Тој не само што ја збогатил колекцијата на МСУ – меѓу сите репезентативни дела се наоѓа и делото насловено „Разрушен град“ од 1963 година, слика посветена на Скопје, како сведоштво за катастрофата.

Едно од најимпозантните негови дела „Раѓање на езерото“ од 1972 година, до ден денес го краси холот во Домот на АРМ (некогашен Дом на ЈНА). Оваа голема слика која е составена од 48 панели, со својата експресивна фантазија се вклопува во тогаш актуелниот подем на монументалното сликарство во Македонија.
– Во време на кризи, катастрофи и воени судири кои го обременуваат современиот свет, важно е потсетувањето на концептот за солидарност на кој се темели МСУ и за важноста на меѓународната соработка кои се основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици. А, делото на Лубрада, кое припаѓа на еден од највисоките дострели на културата на овие простори во модерната епоха е секако вредно за најдлабока почит – велат кураторите.
Фото: МСУ Скопје





