Славица Јанешлиева: Од студентски соништа да го освои светот, до прва жена-декан на ФЛУ

Нашето општество е во транзиција од мојата младост (значи веќе триесет години), вредносните критериуми на општествено ниво се сомнителни, масовно се негува шунд култура и лош вкус

Многу е битно уметникот да биде посветен, љубопитен, работлив и постојано да истражува. Да не создава за да продаде, туку за да се изрази. Да не биде едностран, да биде со широки видици и интереси. Многу ме интересираат и литературата, музиката, филмот, фотографијата, модата, одредени аспекти на науката, природата, градинарството, спортот, вели уметницата Славица Јанешлиева, графичарка, визуелна уметница која остава силен впечаток на македонската современа ликовна сцена. Јанешлиева зборува за своите прочетоци во 90-тите години кога кариерата ја градела паралелно со осамостојувањето на македонската држава, за нејзиниот мандат како прва жена декан во 43-годишното постоење на ФЛУ.

Славица Јанешлиева на отворањето на нејзината последна изложба „Помеѓу“ во Сули ан, 2023

Како ликовна уметница со децении присутна на домашната и меѓународната ликовна сцена, како во неколку реченици би ги опишале состојбите во ликовната/мултимедијалната уметност во Македонија денес?

– Нашето општество е во транзиција од мојата младост (значи веќе триесет години), вредносните критериуми на општествено ниво се сомнителни, масовно се негува шунд култура и лош вкус. Не функционираат главните сегменти на едно здраво општество: образование, правна држава и јавно здравство. Вистинските професионалци и вљубеници во својата професија се ретки. Идеализмот и ентузијазмот да се создаде здраво и самоодржливо општество, во кое ќе има јасни критериуми за морал, етика, човечност, правичност, одговорност и култура се сведуваат само на обиди на индивидуалци, кои за жал се поклопени од медиокритетите и партиските војници. Ретко гледам среќни и расположени луѓе на улица, главно заради намалена финансиска моќ, но и заради фактот што веќе многу долго време, без разлика која партија е на власт, граѓаните не се чуствуваат заштитени од државата.

„Филантропски пориви: Колекција на современа уметност НаМА“, перформанс (најава во дневен весник и дочек на посетители), 2007

Состојбите во ликовната/визуелната уметност не се исклучок од целокупната општествена состојба. Квалитетни македонски ликовни/визуелни уметници имало, има и ќе има. Тие континуирано творат, се претставуваат самостојно во земјата и во странство, изложуваат на групни домашни и меѓународни изложби, застапени се во значајни печатени изданија, дел се од значајни колекции…, иако во нашата земја публиката за вистинската, односно квалитетна ликовна/визуелна/мултимедијална современа уметност е мала…, иако ние уметниците (ликовните/визуелните) финансиски сме скромно поддржани и речиси никогаш за својата изложбена активност не добиваме хонорари…, иако колекционерство и „пазар“ за ликовна уметност не постои…, иако целта на постоењето на нашите малобројни галерии и музеи не е само обезбедување на простор за изложба туку и промоција на авторите… иако можностите за квалитетно претставување на македонската ликовна сцена надвор од нашата држава се лимитирани и ретко систематски планирани за квалитетно и успешно претставување (главно заради немање слух за потребите на ликовните/визуелните уметници)… иако не постои уметничка критика, иако…

Можете ли да направите една паралела на Вашите почетоци како мултимедијален уметник кон крајот на 90-тите години и условите за работа и промоција на младите уметници денес, со сите олеснителни можности за комуникација, пласман на творештвото и самостојна промоција?

– Во 90-те години на минатиот век, беа почетоците на самостојната македонска држава. Јас бев многу млада и мислев дека можам да го освојам светот со својата уметност. За среќа вакви моменти на идеализам сè уште имам, хахах. 90-те беа години исполнети со ентузијазам, но и заинтересираност на меѓународната ликовна/визуелна сцена за нашата. Секако многу битна беше и активноста на неколкумина наши историчари на уметност/куратори/критичари (Сузана Милевска, Небојша Вилиќ, Мелентие Пандиловски, Соња Абаџиева, Златко Теодосиевски и други) кои комуницираа со своите колеги од светот, а комуницираа со значајни имиња. Важно беше и организирањето на меѓународни изложби кај нас на кои присуствуваа странските уметници, можноста ние да се запознаеме со нив, како и тие да видат што работиме ние. Мора да се истакне дека постоеа и странски фондови наменети само за нашите културни творци и дејци. Но, исто така мора да се напомене дека мојата генерација на ликовни/визуелни уметници (Оливер Мусовиќ, Ана Стојковиќ, Александар Поповски, Нада Прља, Денис Сарагиновски, Миле Ничевски и др.) беше многу посветена и неуморна во постигнувањето на своите цели, односно да биде забележана и да влијае на општеството. Нашите почетоци не беа врзани со материјалното, туку со желбата да бидеме застапени во стручната литература која ќе ја раскажува историјата на македонското ликовно/визуелно творештво. Постоеше здрава конкуренција, а конкуренцијата е многу битна за напредување.

„Разгледница од пеколот“, комбинирани техники, 70х100 см., 1995

Денес можностите се можеби поголеми заради олеснетата комуникација, но по мојата речиси дваесетгодишна наставна работа на ФЛУ, можам да заклучам е дека ретко нашите дипломирани/магистрирани студенти се подготвени на материјално/финансиски несигурен пет или десетгодишен период посветен на барање на препознатлив сопствен ликовен/визуелен израз, активен творечки и изложбен животен период, воедно посветен и на создавање на „мрежа“ на професионални пријателства. Дипломата од факултет за ликовни/визуелни уметности не значи дека тој што ја поседува е квалитетен ликовен/визуелен автор, туку дека успешно го поминал процесот на едукација и ги поседува потребните квалификации. Дали тоа што е научено и извежбано ќе го примени, ќе се надоврзе, надогради и доразвие, зависи само од љубопитноста, упорноста и работливоста на поединецот.

„Дрвениот ангел“, комбинирани техники 100х70см., 1997

Олеснетата комуникација и достапност до информации се добри ако се знае како да се употребуваат. Тие можат да имаат и негативен ефект – информациите толку лесно и брзо се добиваат, што се преобемни. Понекогаш младите не успеваат добро да ги селектираат квалитетните информации и често посветуваат време и енергија на небитни работи. Има многу шанси за уметнички резиденцијални престои во странство (за млади автори) кои подлежат на селекција, но дури и со поддршка од постари колеги и ментори, младите ретко се одлучуваат да аплицираат. Самостојната промоција делува едноставно во теорија. Во пракса, можеби е лесно да направите веб страница или профил на инстаграм, но поентата е да допрете до вистинската публика или цел. А тоа не е така едноставно. Кај нас не постојат индивидуалци, институции или агенции кои се бават со „арт менаџмент“. Начинот како да се достигне квалитет и видливост останува ист: активна работа на творештво, изложбена активност, комуникација со колеги и професионалци од областа. Доколку целта е комерцијализација и уметност допадлива до широка публика, тогаш патот е поинаков, но за „изодување“ на тој пат, јас не сум вистинската личност за совет.

Вие бевте/сте една од уметниците кои оставија силен печат во авторството. Колку оваа препознатливот е важна во градењето на еден уметник?

– Се трудам да сум искрена во творештвото. Творењето е порив кој континуриано го чувствувам и доколку не творам, во мене тлее извесна доза на немир. Се разбира дека уметниците треба да имаат препознатлив, односно сопствен уметнички израз. Да не бидам погрешно сфатена, тоа не значи дека поддржувам маниризам. Напротив, често треба да се излегува од комфорната зона.

„Реминисцениција I“, комбинирани техники, 80х110см., 1998

Кога се запишав на Факултетот за ликовни уметности фантазирав да станам познато светско уметничко име. Се сеќавам, тогаш ја голтав „Камен и бол“ книга посветена на животот на Микеланџело… Се фасцинирав од посветеноста на Леонардо да проучува анатомија на човечко тело купувајќи трупови и сецирајќи ги, па дури и се распрашував дали е возможно да се протнам со студентите на медицина и јас да сецирам и проучувам човечка анатомија. Во периодот кога студирав бевме група на студенти кои секојдневно и целодневно престојувавме (работевме и се дружевме) на факултет, учејќи не само од професорите (Малиданов, Јакимовски, Николов, Луловски, Перчинков, Дада, А. Цветковски, Ташовски, Моцо, Вујисиќ, Танчев и други, како и историчарите на уметност Петковски, Битракова, Грозданов и Серафимова), туку и меѓусебно, собирајќи искуства од постарите колеги (Гордана Даутоска, Зоран Бошковски, Диме Темков, Тони Димовски, Гашевски Драги и други графичари, како и колегите кои студираа вајарство, сликарство и ликовна педагогија), а разменувајќи размислувања и информации со генерациски поблиските (Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски, Кирил Василев, Маја Соколова, Наташа Милованчев, Петра Јовановска, Даниела Андонова, Благица Николова, Гоце Наневски, Борис Шемов, Христина Иваноска, Игор Сековски, Слободанка Стевческа, Христијан Санев, Дејан Спасовиќ, Соња Димовска, Душан Дракалски, Атанас Ботев, Гордана Вренцоска, Борис Петровски, Ѓорѓе Јовановиќ и многу други).

„Писма“, варијанта на фотоакватинта, акватинта, бакропис, шаблон, коса, транспарентна фолија, самолеплива фолија; 150х500х0,2см.; 60 објекти (секој 14х14см.), 1998

Како созревав јас како аворка, уметниците на кои им се восхитував се менуваа, а нивното творештво и имиња стануваа непознати за дел од мојата околина, односно онаа која не ја следи светската и домашната ликовна сцена. За време на магистерските студии експериментирав со графичките техники и чувствувајќи заситеност од комфорната зона на графичкиот лист поставен на ѕид, се обидував да ја опросторам графиката, односно да ја вклучам и третата димензија и да го освојам просторот. Всушност просторот да го третирам како уметничкото дело, без разлика кој медиум го употребувам.

Периодот од 1996-2006 (по дипломирањето и до вработувањето) беше посветен на интензивна творечка и изложбена активност, функционирајќи како самостоен уметник, без сигурни приходи, со резиденцијални пократки и подолги престои во странство, одигра многу значајна улога во дефинирањето на правецот во кој ќе се движам во творештвото. Многу е битно уметникот да биде посветен, љубопитен, работлив и постојано да истражува. Да не создава за да продаде, туку за да се изрази. Да не биде едностран, да биде со широки видици и интереси. Многу ме интересираат и литературата, музиката, филмот, фотографијата, модата, одредени аспекти на науката, природата, градинарството, спортот…

„Афион“, сито печат, картон во боја и семе од афион, 45х30х7см., 2001 (од изложбата „Сеќавање на еден идеалист“)

Она што се обидувам да го постигнам со моите изложби е да го вовлечам гледачот во мојот свет, во моите размислувања и идеи. Сè уште ми е битна естетиката, но не и допадливоста. Битно ми е да допрам до размислувања и чувства и драго ми е што често тоа го постигнувам. Мојот став е дека за секоја работа, па и за ликовната уметност е важен професионализмот. Профеционалците не ги определува работното место/звањето, туку начинот на кои ги изведуваат работните задачи – способноста, знаењето, поставувањето и постигнувањето на високи критериуми, предизвикувањето на правилата/нормите, интегритетот, почитта кон другите, одговорноста и самодовербата. Многу е важно да си вљубен/а во својата професија и да имаш желба да се реализираш.

Државата не успеа да изгради стратегија со јасни насоки за развој на мултимедијалните уметности. Изложбената дејност е оставена на годишните предлози на Националната галерија и Музејот на современата уметност како матични инстуции, неколку галерии во Скопје и по една во градовите во внатрешноста. ДЛУМ сè уште се мачи со своите проблеми, нема постојан откуп на ликовни дела, редовно учествуваме на Венециското биенале, но без некоја потемелна визија на национално ниво. Колку ни е потребна државна, единствена стратегија на ова поле?

– Допирате многу различни аспекти со ова прашање. Итно и многу е потребна единствена стратегија и систем за поддршка, развој и промовирање на македонската култура, а особено за ликовна/визуелна уметност. За жал не може сè да се постигне само со ентузијазам. Неопходно е да се зголеми буџетот наменет за култура, но исто така е неопходно Министерството за култура да одлучи дали ќе поддржува квалитет или ќе настапува популистички. Дали е неопходен квантитет наспроти квалитет, бидејќи средства за културни настани доделуваат и градовите и општините.

Националните институции, како музеи и галерии треба да имаат добро структурирана и ненабиена програмска активност која ќе ја промовира македонската ликовна/визуелна уметност не само со поставки во сопствените изложбени простори, туку и во странство, секако проследени со соодветни предавања, работилници и дискусии. За возврат, но поретко, треба да има и претставувања на квалитетни автори и изложби од странство. Велам поретко бидејќи ваквите изложби бараат голем буџет.

„Крик“, два метални кревета, сатен, дрвени даски, вез, езерски школки, памучно платно, видео проекција и звук; димензии менливи, 2002

За да бидат барем делумно самоодржливи, музеите и галериите мора да имаат и пропратни активности за да го задржат посетителот. Секоја респектибилна галерија и музеј во светот има своја книжарница, кафетерија и продавница-сувенирница. Работното време би требало да се промени и да го следи урнекот на светските слични институции, односно да може до доцна навечер, барем до 21 часот да се оди во музеј или галерија и на тој начин да има побројна и поедуцирана публика.

Не знам кое министерство е надлежно за националните институции да имаат добри изложбени и работни услови, односно одржување и реновирање на објектите, но државата мора да се грижи за своите институции и да обезбеди фондови. Не може да се надеваме само на грантови од странските амбасади за да го зачуваме нашето културно наследство. Ова важи и за образовните институции. Дури и да има некакви обезбедени фондови, видливоста и достапноста на истите е никаква и зависи само од лични контакти.

„Името“, комбинирани техники, 43х77см., 2003

Младите автори треба да бидат поактивни во користењето на изложбените и други простори на МКЦ, КИЦ, ОГС и низа на други кои ги нудат невладини здруженија, студентски организации, факултети, библиотеки, кафетерии, општини… па дури и нестандардни изложбени јавни или приватни простори (ме радува што има млади автори кои се активни на овој начин, но нивниот број е мал). Би било добро да имаме повеќе приватни галерии или галерии на групи граѓани кои нема да функционираат само како уметнички колонијали, туку ќе се грижат за квалитетни изложби, за авторите и нивна промоција.

Член сум на ДЛУМ уште од 1996 година. Секоја чест на посветеноста на индивидуалци кои работат про боно за да опстои ова здружение на граѓани. Ме радуваат некои од изложбите кои ги организира ДЛУМ, ме радува што конечно Друштвото доби простор и тоа на атрактивна локација… Не ме радува што голем дел од членството се аматери, а што дел од активните и квалитетни автори не се членови. Но, ДЛУМ мора да најде начин како да ги привлече младите и како да ги активира професионалците, односно од кои причини некој би бил активен член на друштвото, бидејќи не е битна само изложбена активност. Здруженијата на граѓани се формираат за да застапуваат одредени интереси на таа група на граѓани, а ликовните уметници имаат голем број на проблеми: авторски права, интелектуална сопственост и услуги, препознавање и вредност на авторскиот труд и хонорари, процедури за изнесување на дела од државата и проблеми со царина, набавка на материјали и достапност, скапи билети за влез во странски галерии и музеи итн.

„Дојди да видиш, има ангел во собата“, комбинирани техники, 43х77см., 2004

Го споменувате Биеналето во Венеција… Да, многу е битно да учествуваме, но најпрво треба да се споредат буџетите на соседните држави за истата цел и ќе сфатите со какви тешкотии се соочуваат нашите уметници кога ја претставуваат нашата држава на Венециското биенале. Веќе воспоставените квалитетни професионални контакти на поединци мора да се искористат и да се надоградуваат со нови, за да може да се зборува за континуитет и успешност на ретставувањата. Односно мора да има тим со искуство во организациските аспекти: комуникација со локалната организиације т.е. биеналето, локација, транспорт, техничка поддршка, присуство и видливост во медиуми, организирање на официјално отворање, присуство и анимирање на сите присутни релевантни институции и поединци и уште многу битни детали. Биеналето во Венеција е можеби бр. 1 настан на сите листи на значајни светски манифестации од областа на современата уметност, но листата е подолга. Постојат и други исклучително значајни манифестации како: Документа (се одржува на 5 години, а постои од 1955 година), Истанбулското биенале (постои од 1987 година), Биеналето во Сао Паоло (постои од 1951 година), Манифеста (биенале кое постои од 1996 година), потоа постојат и Ливерпулското, Берлинското, Гванџу и барем уште десетина други значајни светски биеналиња и манифестации на кои ние како ликовна сцена веќе подолг период или никогаш не сме присутни од низа на причини. Секако не е недостаток на квалитетно ликовно/визуелно современо македонско творештво.

Декан сте на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ. Каков е интересот на младите да студираат ликовни/мултимедијални уметности? За кои насоки е најголем интересот?

– Од февруари оваа година сум декан на ФЛУ, со мандатен период од 3 години. Морам да напоменам дека покрај укажаната доверба од колегите, ми причинува особена чест што сум првата жена декан во 43 годишното постоење на Факултетот. Со тимот продекани како и со голем дел од наставниот кадар имаме амбиции и ентузијазам да го потенцираме значењето на Факултетот за ликовни уметности како најстара и најреномирана високообразовна институција од овој тип во нашата држава и нашите активности и достигнувања да станат повидливи. Нема да биде нескромно ако потенцирам дека сите значајни автори од областа на иковната/визуелната уметност се едуцирани токму на нашиот факултет. Имаме доста предизвици, но детерминирани сме во исполнување на целите за подобро образование и визијата за подигање на свеста на јавноста за вистинските културни вредности.

„Птица“ (од серијата „Хаику I“), акватинта, 30х30см., 2010

Интерес за студирање ликовни уметности има. Ние сме поднебје што традиционално изобилува со талент во областа на визуелното. Квотите ги исполнуваме, но сметам дека бројот на заинтересирани кандидати може да биде поголем. Наша задача е средношколците и сите заинтересирани кандидати подобро и навремено да ги информираме за исклучителното искуство да се студира на ФЛУ, за осовременетите студиски програми, наставни пристапи и можности, како и за надминување на фамата која го прати приемниот испит.

Младите се најзаинтересирани за она што би им донело вработување веднаш по студиите. Ова се нови генерации кои се попрагматични. Па така ги интересаат курсевите од областа на визуелната комуникација (графички дизајн), конзервација и реставрација, моден дизајн…

Од неодамна добивме акредитација за изменети и посовремени студиски програми на сите Катедри, и затоа сите се именувани и со додавката „трансмедиумски практики“, со цел да понудиме повеќе можности за изучување на различните дисциплини без разлика на која катедра се запишува студентот/студентката. Дополнително воведовме и предмети/курсеви од областа на мултимедијалните уметности. Нашата цел е да создаваме квалитетни и едуцирани кадри, на кои ќе им ја поттикнеме љубопитноста и работливоста, ќе ги поттикнеме да се развиваат како идни визуелни/ликовни творци, но ќе поседуваат квалификации и за апликативни вештини.

„Имигрант, емигрант или можеби јас“, вреќа за спиење, 2700 притискачи, 13 кг. бонбони од фабриката Европа, 165х70х4см., 2016

На постдипломските студии без разлика на областа, за нас менторите е најбитен интересот на студентот/студентката за процесите на истражување, експриментирање, развивање на идејата и разработувањето на различните аспекти на нејзина реализација. Тоа е период кој студентите на втор циклус треба да го искористат за пронаоѓање и развивање на својот ликовен/визуелен израз, да се посветат на своето творештво и излагачка активност. Од оваа година започнавме со нови добро осмислени и атрактивни студиски програми за втор циклус студии т.е. постдипломски студии. Постојат и можности за Еразмус мобилности со многуте наши сродни факултети и академии во соседството, регионот и пошироко во Европа.

И самата имате дипломирано на отсекот за графика. Во последно време сè погласни се коментарите дека со зголемувањето на потребата за графички уметници/дизајнери за ИТ индустријата (маркетинг агенции, онлајн продавници итн.) се губи авторството. Па ако Михајло и Евтихиј во 14 век беа првите уметници кои се потпишуваа како автори, во 21 век има еден куп уметници што работат без потпис. Гледате ли криза во авторството на ликовните уметници?

– Обично се смета дека оние кои имаат завршено отсек графика (сега Катедра за графика) се и графички дизајнери. Иако е точно дека повеќето графичари ги одбираат и предметите од областа на графичкиот дизајн, сепак графиката има една цел, односно таа е ликовна дисциплина. Графичкиот дизајн, пак, спаѓа во групата на применети уметности и обично има за цел да го задоволи комерцијалниот аспект. Во дигиталното доба кое го живееме, замавот на визуелните комуникации е значаен. Опкружени сме со визуелни информации на секое ниво и многу е важно да имаме добра визуелна писменост. Денес, во визуелната уметност сè е дозволено (нормално со добар концепт) и границите помеѓу различните уметнички и апликативни дисциплини се истенчени, па и надминати. Сепак сметам дека и за графички уметници/дизајнери е значајна уметничката/визуелната едукација, односно извежбаната рака и око, добра информираност и знаења од областа на историјата на уметност, а особено знаења за процесите на разработка, развивање и реализација на идеја.

„Шахот како метафора за животот“, цртеж со дрвени бои на хартија, две шаховски фигури, цртеж на стакло со контур паста и текст (приказна), 45х100х3см., 2019

Но, да се навратам на авторството. Релевантни автори кои работат без потпис, нема. Доколку делото нема потпис вредноста на истото е намалена. Постојат дела, на пример на фотографии, уметнички објекти и инсталации на кои потписот изостанува, но затоа документацијата и изложбите го потврдуваат авторството. Авторството кај нас, особено кога се зборува за ликовните/визуелните уметности, е категорија која ја ценат само авторите, историчарите на уметност/кураторите и ретките познавачи. За разлика од музичките автори, кои добиваат тантиеми за своите дела кои се пуштаат во етер, ние ликовните/визуелни уметници не добиваме надоместок за изложување на веќе реализирано дело, не добиваме надоместок за репродуцирање на дело во печатени или дигитални изданија, па дури и треба да сме среќни ако ни побараат квалитетна документација од дело, бидејќи често се користат фотографии од личен апарат или паметен телефон.

„Траги на збунетост“, шест извезени цртежи на платно (секое 50х50см.), димензии менливи, 2020

Но, да заклучам… криза во авторството сметам дека нема. Уметниците кои се задоволни и горди на она што го создале, кои се сигурни во својот творечки квалитет, кои ги исполнува творечкиот порив и воспоставениот дијалог со публиката, кои уживаат во слободата на творечкиот дух, кои активно практично и идеолошки допринесуваат во издигањето на вистински културни вредности и ја чинат ликовната/визуелна историја, секогаш го потврдуваат и се залагаат за авторството на создаденото.

На крај би сакала да заклучам дека среќна сум што ја одбрав професијата ликовен/визуелен уметник. Творештвото и професијата ми ја пружаат неопходната слобода на духот и мислата, привилегијата на широките хоризонти, ми ја развиваат љубопитноста и задоволуваат гладта за комуникација на различни нивоа, а притоа ми нудат активно развивање на практичните вештини.

Сподели