Скопско лето: Концерт на Вејчеслав Поповски во Македонската филхармонија

„Хармонија во три стила: класика, филм и корен“ е насловен концертот на Вејчеслав Поповски што ќе се одржи вечерва во 20.30 часот во Македонската филхармонија. Ќе настапат и Acies Quartett од Австрија, Рихард Рикон, реномиран пијанист од Словачка и нашата сопранистка Елена Васова. Концертот се одржува во рамките на манифестацијата Скопско лето.

– Вејчеслав Поповски е музичар, оперски пејач, градител на виолини. Роден во Скопје во 2000 година, тој е редок спој на уметничка прецизност и автентична инспирација. Потекнува од музичко семејство и уште од 4-годишна возраст започнува да свири инструменти, а подоцна го усовршува и својот глас и дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје – велат од Скопско лето.

На само 10 години снима свое прво цеде со италијански канцони и македонски народни песни, а веќе на 14 ја добива наградата „13 Ноември“ како најмлад добитник досега. Неговата музичка кариера е збогатена со бројни награди од светски натпревари за соло пеење. На 17 години ја изработува првата виолина користејќи алати што сам ги изработил. Денес, неговите инструменти се барани од врвни виолинисти низ Европа и Америка.

Acies Quartett се официјални културни амбасадори на Австрија. Формиран во 2000 година од четворица студенти на Конзерваториумот во Каринтија, квартетот е еден од водечките австриски гудачки квартети. Членови на ансамблот се виолинистите Бенјамин Циервогел и Рафаел Каспријан, виолистот Јожеф Бизак и виолончелистот Томас Висфлекер. Нивниот дискографски опус за издавачката куќа Gramola вклучува дела од Хајдн, Бетовен, Шуберт, како и современи автори како Глен Гулд и Фридрих Гулда.

Рихард Рикон е пијанист со богата интернационална кариера. Неговиот репертоар ги вклучува делата на Бах, сè до современите композитори, а има настапувано на бројни музички сцени низ светот.

Елена Васова е родена во 2000 година во Скопје. Нејзиното музичко образование, прво на отсек виолина, а потоа соло пеење, започнува уште од рана возраст. Хорското пеење го започнува во детскиот хор „Пиколо“, а подоцна станува член на женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“. Активен член е во професионалниот мешан хор „Про Арс“ и женскиот младински хор при МКЦ. Дипломира вокално-инструментален изведувач на отсекот соло пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Сподели