Националниот џез оркестар вечерва во 21 часот во Македонскиот народен театар во Скопје ќе одржи концерт заедно со еден од најсмелите и највпечатливи саксофонисти и композитори на современата џез сцена, Дони МекКаслин. Диригент ќе биде маестро Владимир Николов.
Дони МекКаслин (САД) стои зад едно од најзначајните музички изданија на 21 век – Blackstar, последниот албум на Дејвид Боуви, на кој токму МекКаслин беше една од клучните креативни сили што го обликуваа неговиот експериментален звук. Од тој момент, МекКаслин продолжува да ги редефинира границите на џезот, создавајќи музика
која живее на пресекот меѓу жанровите – каде електрониката, арт-рокот и импровизацијата се среќаваат со слободата на изразот. За тоа сведочат албумите Blow. (2018) и I Want More (2023) – хибриден звук кој не припаѓа на еден жанр, туку на уметноста како процес на преобразба.
„Њујорк тајмс“ за еден негов концерт напиша:
„Сè започна со синтисајзер што пулсира во слободен ритам, за потоа да премине во тенор-соло што звучеше и како бура и како молитва.“
Билетите за концертот може да се набават ОНЛАЈН и на продажните места на МКТикетс, а ќе бидат достапни и на билетарницата на МНТ.





