„Скопје: палеонтолошки град“ е насловот на креативна боенка за деца, издание на Центарот за научни истражувања и промоција на културата „Хаемус“. Ова е прва публикација од нивната едиција „Млад истражувач“, едукативна програма којашто има педагошки карактер. Боенката е намената за сите млади кои сакаат да го откријат светот на палеонтологијата, да научат за диносаурусите, мамутите и многу други одамна изумрени животни, бидеќи на интересен и креативен начин ги воведува во живиот свет на минатото.
– Ќе дознаат што се фосили, како да ги најдат и препознаат, на кој начин се врши нивното истражување од страна на палеонтолозите, местата во Скопје кадешто се пронајдени нивните остатоци, каде можат да ги видат тие фосили откако се ископани. Во палеонтолошките тајни ги воведуваат Ана и Јане, кои како млади палеонтолози истражувачи се обидуваат да им помогнат на најмладите во нивните сознанија за оваа наука – велат од Центарот.
Автор на оваа боенка е Биљана Гаревска, магистер по палеонтологија. Уредник е Василка Димитровска, а илустрациите се на Бисера Наумовска. Боенката е издадена со кофинансиска поддршка од Градот Скопје.





