Струмица една недела ќе „живее“ на две тркала – млади активисти во борба за зелен град

Приказната е објавена во рамките на серијалот „Умни млади“ што Умно.мк го реализира во соработка со Europe House Skopje

Струмица од денеска до 22 септември ќе се префрли на „живот на две тркала“. Стотици граѓани, велосипедисти, млади на скејтборди, хаверборди, електрични велосипеди и тротинети се приклучуваат на Европската недела на мобилност (European Mobility Week), што ја организира Europe House Струмица. Фокусот годинава е ставен на алтернативен транспорт и нула емисии на штетни гасови (Safe and Healthy with Sustainable Mobility). Со избраната тема им се оддава почит на сите граѓани на Европа и светот поради тешкотиите што ги чувствуваат во пандемијата од ковид-19. Исто така, се фрла светлина врз можностите за промени што произлегуваат од оваа здравствената криза.

Ана Клесова

Една од активностите која можеби ќе биде и најмасовна од серијата настани поврзани со Европската недела на мобилност е „Парада со нула емисии“ (Zero emission parade), објаснува Ана Клесова, координатор на локалната мрежа и програмски менаџер на Europe House Струмица. Парадата ќе се одржи утре во 17.30 часот, а ќе учествуваат повеќе велосипедски здруженија, ентузијасти, активисти за здрава, одржлива и позелена животна средина, индивидуалци на електрични тротинети и останати возила на електричен погон.

– Останатите активности што ги планираме за оваа недела се дискусии со млади на тема „Ментално и физичко здравје, заштита во сообраќај и нула емисии транспорт“ кои ќе се одржат во текот на тематската недела. Покрај младите активисти, ентузијасти, очекуваме поддршка и приклучување на бизниси, институции, училишта и останати чинители. Тоа се случува и на европско ниво. Многу градови во Европа имаат обезбедено или се залагаат за создавање услови, политили и практики за намалување на емисиите и загадувањето при јавниот транспорт. Тоа дава можност за тестирање на нови форми на чиста мобилност, преглед на тековните транспортни предизвици и напредок кон поодржлива мобилност за цела Европа – вели Клесова.

Секој град има потенцијал да се раззелени

Според неа, во однос на употребата на алтернативен транспорт, граѓаните на Струмица не заостануваат многу зад Скопје и другите градови во земјава.

– Особено кај младите, а и за тие малку повозрасните, многу е сменета перцепцијата за зелена одржливост и ефикасност. Показател е зголемениот број на велосипеди и електрични тротинети кои се користат при извршување на дневни активности и мобилност низ градот – вели Клесова.

Таа додава дека Europe House Струмица постои од 20 февруари годинава. Во текот на овие седум месеци им нудат на младите во Струмичкиот микрорегион, Југоисточниот, па и Источниот Регион едукативни активности и содржини – дискусии, работилници поврзани со одржливост, квалитетен живот, промоција на Европскиот зелен договор и зелени практики, настани со кои им се подобрува целокупно ментално и физичко здравје.

– Со „Чисти ридови за сите“ ги исчистивме планинарските патеки над Струмица. Тоа беше одлична мешавина од пешачење, планинарење и еко-акција, која се покажа како една од најуспешните на која присуствуваа повеќе од 200 индивидуалци и бевме поддржани од повеќе од 25 граѓански здруженија од Струмичкиот Регион. „Biking, Hiking, Чистка“ исто така беше добар спој од планинарење, вело-тура и еко-акција во Лесново, Пробиштип, која ја организиравме со организациите ГРИТ од Пробиштип и „Патфајндерс“ од Берово. Би ја спомнала и активноста која веќе ја организираме еднаш месечно „Fit into the future“ со која преку различни спортски активности го подобруваме општото физичко и ментално здравје на младите – објаснува Клесова.

Според неа, секој град има потенцијал да биде зелен град. Клесова смета дека во Струмица најмногу треба да се работи на инфраструктурата на градот, да се обезбеди посигурна околина и услови за развој на концептите за транспорт со помалку или со нула емисии.

– Од останатите елементи кои би го направиле Струмица зелен град мислам дека треба да се работи најмногу на свеста на граѓаните за општите концепти за рециклирање, одржливи секојдневни практики, користење помалку пластика или продукти чија амбалажа е за еднократна употреба. Од друга страна, очигледна е потребата комуналните служби да овозможат места и канти за рециклирање – вели Ана.

Атанас Костуранов: Осветлете ги трим-патеките

Атанас Костуранов вели дека неговото присуство на настаните што ги организира Europe Hoeuse Струмица е задолжително, затоа што секогаш имаат интересна содржина. Тој е управител на Bu Coffee To Go&Bu Cofee House и секоро никаде не оди без својот електричен велосипед. Костуранов вели дека овие иницијативи и тоа како влијаат врз совесните граѓани – не само што не се загадува воздухот, туку е доста практично за извршување на секојдневните обврски.

Атанас Костуранов

– Ги поддржувам сиве овие настани зашто време е да смениме нешто во овој бурен начин на живот. Навиките лесно се менуваат, само е потребна желба. Во однос на инфраструктурата во Струмица, за почеток доволно е да се среди сообраќаниот хаос во градот убав. Со среден сообраќај лесно се вози и велосипед и електричен тротинет и сè попрактично превозно средство од автомобилите. Велосипедската патека многу недостига во Струмица зашто во изминатите години зголемен е бројот на велосипедисти. Ќе помогне и одржувањето на трим патеките низ Струмица, многу луѓе ги користат нивните бенифиции. Предлагам да се осветлат, за да може да се користат и ноќе. Овие убавини мора да бидат искористени 110 отсто – вели Костуранов.

Кирил Тасев е претседател на велосипедскиот клуб „Актив“ од Струмица. Клубот постои 8,5 години, а активностите им се насочени кон планински велосипедизам. Тој вели дека во градот недостига инфраструктура, нема велосипедски патеки. Од друга страна сè поголем е бројот на граѓани кои се движат со велосипеди, електрични велосипеди и тротинети. Веќе две години ја промовираат иницијативата во градот да се постави адреналинска патека за велосипеди (pump track) како пред Олимписки базен во Скопје.

– Тоа многу ќе помогне да се подобрат вештините на секој што практикува планиски велосипедизам. Имаме локација, се надеваме дека Општината ќе ни излезе во пресрет, ние не се откажуваме – вели Тасев.

Кирил Тасев за „Мистериите на Беласица“

Клубот брои 70 активни членови. Често возат на планинатата Беласица, а најчесто ги користат патеките претходно направени од камиони и трактори. На планините околу Струмица нема професионлна патека за планински велосипедизам. Сепак, тоа не значи дека клубот не е активен. Напротив. Веќе шест години ја организираат планинската тура „Мистериите на Беласица“ на која учестувуваат 200-250 велосипедисти и пешаци. Ноќеваат во планинарскиот дом, па продолжуваат до врвот. Доаѓаат луѓе од цела земја и дружбите се фантастични.

Кирил Трајков

– Учествуваме на многу трки во Македонија, сме биле и во Боровец, Бугарија каде има специјализирани патеки за планински велосипедизам. Секако таму условите се далеку позразвиени – вели Тасев.

Во рамките на Струмица опен фестивал веќе неколку години организираат трка на баланс-велосипеди за деца од 3 до 7 години. Вели дека интересот на овој настан е огромен.

– Има деца кои тукушто прооделе веќе се на велосипед. Ова се покажа како одлична иницијатива за децата – вели Тасев.

Зорица Трајков откако памети за себе е на велосипед, но последните две години членува во „Актив“, каде членува и нејзиниот сопруг. Вели дека самостојното возење велосипед е убава активност, но дружбите во клубот се сосема друга приказна.

– Разликата е огромна. Секогаш ќе најдеш „другарче“ за возење. Наша природна средина се планините. Некои тури траат по 6-7 часа. По тој напор користењето велосипед во градот е „смешка“. Сите користиме велосипеди и во урбана средина, но планините се побезбедни за нас – вели таа.

Зорица Трајков

На турите што ги организираат доаѓаат луѓе од цела земја. Понекогаш има рута од Струмица до некое село. Тие рути не се напорни, интересот е голем, а дружбата одлична. И Зорица вели дека неопходно е да се постават велосипедски патеки низ Стримца, најмногу поради безбедноста во сообраќајот.

– Колку и да внимавате, секој ден слушаме за повреден велосипедист, некогаш дури и полошо. Сообраќајната култура е на многу ниско ниво. Нервозни возачи на автомобили, сите возат агресивно, постојано брзаат некаде. На тоа треба многу да се работи, на свесноста на возачите, дека има и други учесници во сообраќајот. Јас велам: природата ви дала раце, нозе, разум, користете ги, не бидете паразити – се смее Трајков.

Навиките се менуваат – полека, но сигурно

Клесова завршува дека сиве овие иницијативи и тоа како придонесуваат да се сменат нашите, но и навиките на луѓето околу нас.

Да бидеме мултипликатори на идеите и концептите кои ја прават нашата заедница и живот подобри. Сè повеќе млади користат шишиња, чаши, кеси и други продукти за повеќекратна употреба, купуваат second hand облека, пробуваат да живеат со нула отпад, минималистички или да користат алтернативни и незагадувачки начини на транспорт. Никогаш не знаеме која иницијатива, работилница или еден обичен разговор може да има верижен ефект, а со тоа да се поттикнат промени прво кај нас самите, а потоа и во заедницата – вели Ана.