„Скопјани“ – модерна ретро приказна за (не)згодноста од живеење во главниот град

Пишува: Звонко Димоски

Во серија текстови ќе и’ посветиме внимание на независната продукција која беше дел од 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп. Оваа сцена покажа дека заслужува внимание, дека е храбра и модерна. „Скопјани“ во продукција на „Театар за сите“ е дело на колективно авторство.

„Скопјани“, создадена како истражувачи процес, е колективно авторство и драматизација на носталгично реалистичките раскази од збирката „Улиците што ги нема“ на Оливера Ќорвезироска. Избирајќи ваков експериментален тип на работа, режисерот Милош Б. Андоновски и целата актерска екипа создал интерактивна претстава во која преку раскажувањата во ресторанот „Македонска куќа“ во Прилеп, ја водеа публиката во минатото, истовремено брзо враќајќи ја во сегашноста, за заедно да (до)раскажат приказна за еден град кој само привидно повеќе го нема.

Еден вид на интимен репортажен театар, во кој расположеното собрано друштво (три пара), дебатира, негодува, се забавува и го мапира и согледува Скопје низ призмата на соживотот на локалците и дојденците, при тоа носејќи многу информации за главниот град, секако во корелација со лични доживувања и кратки фактографии за градовите од внатрешноста. Публиката преку тоа поврзување, со комичност во раскажувањето на изградените ликови, учествува во создавањето модерна ретро-приказна, во која се раскажува за (не)згодноста од живеење во главниот град во кој минуваат и се менуваат животи, луѓе, настани, улици и сл.

Марвин Карлсон вели дека перформативните уметности бараат физичко присуство на обучени или вешти човечки суштества кои, покажувајќи ги своите вештини, создаваат претстава. Видливо е дека екипата на „Скопјани“ театарскиот перформанс го разбира и доживува како свесна акција, намерно поставена во јавен простор, во случајов градска меана/ресторан, што воопшто не е својствено за типичниот театар.

Преку драматуршките комбинирани постапки, актерските импровизации кои во форми од овој тип се неизбежни, користењето на просторни референци и локални приказни за градот кој го живеат ликовите, како и многубројните надоврзувања со дихотомијата центар и периферија, Андоновски несомнено успева да покаже како може градот да се земе како тема и простор за културен перформанс.

Во „Скопјани“ играат: Филип Христовски, Нина Елзесер, Виктор Велевски, Јанка Лефкова, Христијан Поп-Симонов и Ангела Стојановска. Драматурзи на расказите се Ивана Нелковска и Милош Б. Андоновски, драматург на личните приказни е Ева Камчевска. Сценографијата е на Мартин Манев, со асистенција на Симона Димковска, а костимографка е Ирина Тошева и асистентката Ива Ивановска.

Сподели