Драматурзите или драматичарите, велат, треба да се адресата на театрите – нивната функција во театрите е поливалентна
Пишув : Трајче Кацаров
Пред дваесетина и повеќе години, некои од актерите со кои бев во фоајето на МКЦ ме известија дека ме бара Илија Милчин. Морам да признам, нозете ми се пресекоа. Во тоа време имав колумна во културната рубрика на весникот „Нова Македонија“. Со темата не се одалечував од културните настани, поготово од оние што се случуваа во театарот. Како што ме дал Господ да бидам нечист во лексиката, се уплашив дека славниот актер ќе ме прекори за тоа. Сакав да ја избегнам средбата, но не успеав. Се најдов очи в очи со „егзекуторот“. Ми ја подаде раката и ми рече со дикција каква умееше да изговори само тој: „Сакам да ти честитам. Убаво ги нарекуваш театарџии. Тие и не заслужуваат за повеќе.“ Се сврте и си отиде. Ми олесна, како тежок товар да ми се спушти од плеќите.
Тогаш, а и ден денес, не знам дали меѓу теататарџиите славниот актер ги вбројуваше драматурзите. Оние кои според театарската теорија и пракса треба да бидат аверс на секој театар. Драматурзите или драматичарите, велат, треба да се адресата на театрите. Нивната функција е поливалентна. Истата може да се разгледува од литерарен-теоретски аспект и практичен – како индиректни креатори на фигурално предметната композиција. Покрај тоа што предлагаат содржини во репретоарот, тие се и првите критичари, рецензенти на претставите. Нивните оценки се искажуваат тивко на увце. Тие се писатели, обдарени со творечки потенцијал. Во светската книжевност познат е фактот дека со Емил Зола, писателите стануваат не само познавачи на својот занает, туку и интелектуалци. Драматурзите се интелектуалците во театарот.
Нашиот великан на драмската реч, Горан Стефановски, драматурзите ги смета за занаетчии исто како што се чевларите, часовничарите, берберите, водоинсталатерите и др. Затоа е подобро ако се именуваат како занаетчии, односно драматичари. Ова зборува дека не секој може да биде драматичар. Не секој може да биде од рангот на Данченко, Брехт, Јан Кот, Душко Ковачевиќ, Горан Стефановски и слични на нив. Но, театарската пракса кај нас покажува нешто друго. Сè она што во светот е систем, кај нас е инцидент и обратно. Кај нас и месар, пекар, аптекар, можат да станат драматичари само ако сака партијата на власт. Во најгледаниот филм што некогаш е произведен на Балканот – „Кој тоа таму пее“, младиот Мишко се фали дека може да го вози автобусот со врзани очи. Татко му го поддржува додека патниците умираат од страв. По балканските нерамнини можеш да возиш како сакаш. Таксист во Индија вози само рикверц. Корисниците на неговите такси услуги не се бунат зашто знаат дека ќе стигнат напред, таму каде што тргнале. Во нашите театри колку и да се трудиш да возиш по сите правила, патиштата те враќаат назад. За тоа се виновни тие што ги трасираат. А ги трасираат партииците кои во дадени моменти, „ничим изазвани“ стануваат политичари. И така во македонските театри под државна синакура, наредија како чепкалки во пролетна зелка, булук драматурзи. Боцкањето на чепкалки со зелени маслинки на врвот во зелката се врши без ред и смисла.
Во еден од театрите во внатрешноста набоцкаа дури четворица. Една од трите драматичарки работи и живее во главниот град, во театарот што се наоѓа во внатрешноста е на платен список. Господ да им даде здравје на оние или на оној што ги измисли автоматите за подигање на пари, т.е. на плата. Голем број од актерите преку ноќ научија за таквата предност, па сега, секој четиринаесети ден од месецот, клечат и се молат пред автоматите кои се најблиску до местата каде што работат и живеат но, не и до местата каде се на платен список.
На крајот од текстот некој ќе рече: Зошто статијата е насловена – скапата шминка на старото лице на театарот? На таквото прашање точен одговор, во секое време на денот и ноќта, даваат оние што не одат на работа, а за тоа земаат бајаги добра плата.
Насловна фотографија: Pixabay
Ставовите на колумнистите се лични и редакцијата на Умно.мк не секогаш се согласува со нив.





