„Сите сме птици“ – маестрална современа драма што ќе ве врати до Големата експлозија

Војната раѓа само нова војна – во секој што учествува во неа, но и да е надвор од неа. Неверојатно е како лесно се раѓа чувството на омраза кон некого што не го ни познаваме само поради неговото име, вера, религија, место на раѓање. Историскиот израелско-палестински конфликт е само во фон на приказната на „Сите сме птици“ од либанско-канадскиот автор Важди Муавад, текст што легендарниот македонски режисер Слободан Унковски го постави на големата сцена на Македонскиот народен театар (17 декември).

Кој сум јас – е прашање што го поставува претставата. Прашањето на идентитетот и на ставовите и сите идеолошки влијанија што еден човек го прават личност силно се истакнати во претставата што трае нешто повеќе од 3 часа. Но тие 195 минути (со една пауза) поминуваат во еден здив, иако можеби вториот дел е по малку поразводнет во однос на првиот.

Интелигентен, современ, на моменти многу трогателен драмски текст, што од француски на македонски го преведе Калиопа Петрушевска, ве остава без здив. И нема потреба премногу да се дефинира каков е жанрот, зашто тоа се чини и не е важно. Едно е јасно, дека ваква современа драматургија и тоа му е неопходна на најголемиот национален театар. По многуте премрежиња и ковид-препреки и молк, „Сите сме птици“ е една од претставите што го враќа МНТ во својата форма.

Приказната зборува за љубовта и нејзината безусловност, љубовта и прашањата што таа ги отвора кога разни фактори се обидуваат да ја ништат, да ја извалкаат, да ја намалат, отргнат. „Сите сме птици“ е претстава за она што го криеме и колку тоа ни тежи и она кога сфаќаме „колку тежеле нашите куфери се додека не сме престанале да ги носиме“. Ненадминатото минато тежи повеќе од неизвесната иднина.

Мајстор во својата работа, Унковски, како што тоа најдобрите знаат да го прават, направи одлична поделба на улогите. Филигрански одбрана актерска екипа на МНТ, со по некој гостин (Дамјан Цветановски, кој брилираше).

Актерски бравури се исправени пред публиката. Цветановски е маестрален во улогата на Еитан, младиот генетичар кој тргнува во Ерусалим да ја открие вистината за својот татко. Тој, се чини, имаше најголем актерски залак со кој стамено се снајде и и покажа на публиката дека треба да смета на него. Цветановски покажува како полека, но сигурно се гради актерска кариера, без големи помпи, но со добра работа и фокус.

Сара Климоска му е одлична партнерка играјќи ја Американката Вахида, која е Арапка и тоа го прави првиот голем проблем во изразено религиозното семејство на Еитан, што живее во Берлин. По неколкуте филмски улоги, убаво е да ја видиме Климоска на театарската сцена во една од најголемите улоги што досега ги имала, со право доверена од Унковски.

Одлични изданија видовме од Николина Кујача, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Емил Рубен, а помали улоги имаа и Драгана Костадиновска, Сашка Димитровска и Тина Трпкоска. Не само актерски, но претставата и визуелно е поткрепена со фантастичните доминантно црно-бели костими на Розе Трајчевска-Ристевска, а за сценографијата се погрижи Бранко Хојник.

Одличен шмек на претставата ѝ даде и музиката со хебрејски призвук на композиторката од Србија, Јелена Поповиќ-Драговиќ.

Приказната „Сите сме птици“ е инспирирана од приватниот живот на авторот Важди Муавад, кој при патување пред 15-ина години запознал американска новинарка која го убедила да ја раскаже приказната за Хасан ел Вазан или познат како Леон Африканецот (околу 1485, Гранада – околу 1554, Тунис). Тој бил патописец чии дела повеќе од 400 години биле главен извор на информации за Европејците за исламот. Тој бил заробен од христијански пирати што му го подариле како роб на папата Лав 10.

Птицата како симбол на слободата провејува низ целата претстава. Борбата за слобода на секое поле, личната, верската, религиската. Желбата да се лета слободно и секој човек да се бори за поместување на своите граници.

Вакви комплексни и мајсторски направени дела му се неопходни на МНТ. Големи претстави какви што заслужуваат големите сцени. 

Сподели