Кога на крајот на една претстава ќе ги видите и актерите целите во солзи, не само публиката која се труди да ги сокрие кога ќе се запалат светлата и следуваат аплаузите. Претстави како „Сите прекрасни нешта“ треба да бидат лектирни за денешните театри. Следната изведба на сцената на Театарот во Штип е утревечер во 20 часот.
Можеби најизведуваната монодрама низ Европа во последните десетина години е „Сите прекрасни нешта“ (Every Brilliant Thing) на британскиот писател и режисер Данкан Мекмилан. Од минатата година и актерот Игор Ангелов ја постави и сè уште ја игра „Сите најубави нешта“, а претставата предизвикува големо внимание (следната изведба е на 27 март во Центар Јадро).

Оваа монодрама ја инспирира драмската писателка Ана Ристоска Трпеноска да ја создаде драмата „Сите прекрасни нешта“, а режисерката Нела Витошевиќ да ја постави на сцената на Театарот во Штип. Премиерата беше на 11 јуни 2024 година, кон крајот на минатата сезона. Претставата ја имаше последната изведба пред една недела, а следува нова – в четврток (на 27 февруари).
Во време кога како никогаш претходно човекот е дистанциран еден од друг и општото здравје е секојдневно загрозено, пред сè, менталното, темите на депресијата, анксиозноста (што денес и тинејџерите ја зборуваат како настинка), стануваат или треба да станат да, токму тоа, како да зборуваме за настинка и вирус. Неприфаќањето дека имаме проблем и стигмата од средината, од друга страна, го прави овој притисок некогаш неподнослив.

Во современа поставка (за чија сценографија се погрижи Васил Христов и костими Моника Гачева, видео на Горан Трајков), на сцена видовме седуммина актери кои дишат како еден. Приказната е раскажана преку 35-годишен човек (Ефтим Трајчов Ѓаурски), кој го враќа детето од своите спомени (во улогата на детето е Стефанија Митовска), потсетувајќи се на своето детство, на обидот да ги потенцира убавите мали работи и да се држи за нив како давеник за сламка, во обид да го надмине фактот дека имал депресивна мајка (Марија Минчева Андонов). Низ приказната на едно семејство дознаваме како нечија состојба се одразува на сите други членови на едно семејство, како никој не е остров сам за себе. Силна е врската помеѓу таткото (Милорад Ангелов) и синот. Таткото се труди колку што може да го надомести „отсуството“ на мајката и да внесе малку радост во домот. На сцена ги гледаме и тетката и тетинот, што ги играат Анѓелка Нашкова и Никола Кузелов, како и Ава Хусеини, девојка, а подоцна и сопруга.
Испреплетувањето на минатото со сегашноста е толку природно изведено и создава впечаток како речиси 30 години живот да се случуваат пред вас во 70-ина минути.

„Најубавите работи за едно дете се: сладолед, скокање во вода, стари луѓе што се држат за ракa, џамлии. Нема ништо поубаво за дете да ги гледа своите родители како се сакаат! Најголемиот страв е да не му се разделат родителите!“ Не’ потсетува авторката Ристоска-Трпеноска.
Во мал театарски ансамбл каков што е Штипскиот, неминовно е да постои сплотеност и сингергија меѓу актерите, но каква што среќаваме помеѓу актерите Ефтим Трајчов Ѓаурски и Милорад Ангелов, е навистина вредна да се издвои! Ефтим Трајчов Ѓаурски станува сè позрел актер, кој од сцената од Штип порачува дека може повеќе, дека треба да го има и повеќе, и на други сцени. Посветен на секоја улога, со голема жар за театарот, тој покажа огромна актерска стаменост да се носи со деликатните емоции.

За истакнување е и играта на Стефанија Митовска, која кога ја гледате на сцена имате чувство дека навистина го гледате малото дете што се бори со своето семејство. Чувајќи ги сите тие убави мисли и желби во кутија под креветот, надевајќи се дека со нив ќе може да ù помогне на својата мајка. Тетката и чичкото се контрапункт на приказната на ова семејство. Тие двајца немаат дете и за нив тоа е најголемата болка. Кога детето ќе стане студент, ја запознава девојката на факултет, ја менува својата листа на најубави нешта и ја прави поразлична, а ја гради заедно со неа.

Во претставата настапуваат и младите Јована Гркова, на пијано и Максим Нисев, виолончело, кои даваат посебна емоција на сцена. Музиката игра голема улога во ова семејство, пијаното е во убав спомен на детето и го потсетува на времето кога сите биле среќни и пееле околу него.
Кога на крајот на една претстава ќе ги видите и актерите целите во солзи, не само публиката која се труди да ги сокрие кога ќе се запалат светлата и следуваат аплаузите.
Претстави како „Сите прекрасни нешта“ треба да бидат лектирни за денешните театри. Да допрат до поголема публика, пред сè, до адолесцентите, до младите родители, до сите! Им посакувам многу изведби, дури и надвор од матичната сцена.





