Силно визуелно и сетилно доживување на изложбата „Суисеки“ на Иван Кал’чев во Гевгелија

Спектакл на форма, природна хармонија и концентрирано гледање понуди изложбата „Суисеки“ на гевгелискиот визуелен уметник Иван Кал’чев, што е отворена во Уметничката галерија „Амам“ во Гевгелија. Камења обликувани од времето, внимателно поставени и оставени да „зборуваат“ без зборови, го претворија препознатливиот Амам во простор на силно визуелно и сетилно доживување. Самостојната изложба на Кал’чев беше настан јасно покажа дека впечатокот не произлегува секогаш од голем формат или раскош, туку од прецизност, јасна идеја и доследна естетика.

Изложбата е отворена во рамките на програмата „Гевгелија – Град на културата“, како соработка помеѓу Домот на културата „Македонија“ и Музеј – Гевгелија.

Поставката опфати 18 до 19 дела, составени од природни камења, дрвени подлоги и песок, во формати што го засилуваа чувството на интимност, но и визуелна концентрација. Секој експонат функционираше како самостојна сцена -минијатурен пејзаж што асоцира на планини, острови, карпи или далечни хоризонти, оставајќи простор за сопствено читање.

Суисекито, како древна уметничка практика со корени во Истокот, во интерпретацијата на Кал’чев доби современа јасност и чистота. Камењата, земени директно од природата, се презентирани без агресивни интервенции, зачувувајќи ја нивната природна форма, текстура и „карактер“. Таа автентичност е клучот на нивната визуелна моќ.
Дрвените подлоги- даизи, изработени со исклучителна прецизност, создадоа стабилност и рамнотежа, но и јасна визуелна рамка што го нагласува односот меѓу материјалот и празнината. Во комбинација со песокот и просторот на Галеријата, секој објект доби јасно дефинирано, но отворено значење.

Изложбата свечено ја отвори м-р Александар Каракабаков, кустос-советник во Музеј- Гевгелија и историчар на уметноста.

Авторот им се заблагодари на Општина Гевгелија за укажаната можност, на директорката на Домот на култура „Македонија“, Мирјана Крстева Массетти, за поттикнувањето, како и на сите останати вклучени во реализацијата на овој несекојдневен и редок тип изложба.

Изложбата не нуди готови пораки, туку силни визуелни импулси. Таа го активира погледот и перцепцијата, повикувајќи го посетителот да забележи детали, форми и односи што во секојдневието често остануваат невидливи.

Кал’чев потврди дека природата, кога е внимателно избрана и јасно презентирана, може да биде најсилниот визуелен наратив.

Фото: Општина Гевгелија

Сподели