„Како да ја искористиме моќта на вештачката интелигенција за да изградиме силна иднина за нашата работа?“ Новинари, уредници и претставници на медиуми од западен Балкан и Централна Европа размислуваа за ова прашање и ги споделуваа своите предизвици и успеси во интеграцијата на вештачката интелигенција во нивната работа, посетуваа работилници на настанот „Новинарството и ВИ: Градење отпорни редакции за иднината“ што се одржа кон крајот на октомври во Сараево, а го организираа Центарот за вести, технологија и иновации (CNTI) од Соединетите Американски Држави и Томсон Медиа. Ова е втора соработка меѓу двете организации.
Одговорот на учесниците беше повеќеслоен и охрабрувачки, известува CNTI во обемната заедничка публикација со Томсон Медиа.
„Новинарите во регионот активно експериментираат и утврдуваат што функционира, а што не – за нив и за нивната публика – и што можат да научат едни од други, често работејќи со многу ограничени буџети и мали тимови“, велат тие.
Претседателот на CNTI, Крег Форман, вели:
– Доаѓам во Сараево втор пат. Пишував за Wall Street Journal кога бев странски дописник, пред околу 30 години, во пресрет на распадот на Југославија. Не го споменувам ова за да предизвикам лоши спомени, туку за да кажам дека кога јас известував од регионот, беше незамисливо дека денес ќе бидеме тука. Апсолутно незамисливо. И, како што сите знаете, мораме да размислуваме за незамисливото – не само во негативна, туку и во позитивна смисла – рече Форман.
Неговите зборовите силно одекнаа во градот кој некогаш беше симбол на воено новинарство, а денес е домаќин на дискусија за тоа како технологијата може да ја заштити вистината и да ја зајакне отпорноста на редакциите.
Дејвид Касвел, кој има долгогодишно искуство во развој на системи за раскажување приказни со ВИ, ја отвори работилницата со јасна и силна порака:
– Треба сериозно да ја сфатиме вештачката интелигенција, бидејќи траекторијата на нејзиниот развој е радикална. Ефектот од инвестициите во ВИ ќе биде значаен – дециден е тој.
Ова не значи слепо следење на секој нов технолошки тренд или додавање алатки без стратегија. Станува збор за препознавање дека структурираните модели за раскажување и работните процеси поддржани од ВИ претставуваат практична еволуција на начинот на кој функционираат редакциите. Прашањето не е дали ВИ ќе го промени новинарството, туку дали новинарството ќе се адаптира паметно.
Ниам Бернс од Enders Analysis, истакна дека „ВИ несомнено ќе го промени начинот на кој се создаваат, дистрибуираат, забележуваат и финансираат вестите. Ова е момент кога новинарите треба да размислуваат што е нивната додадена вредност.“ Сите овие разговори пренесуваат важна порака – иднината на новинарството зависи од „адаптабилност, но не по цена на етиката“, истакна Каро Крил, извршна директорка на Фондацијата „Томсон“.
Учесниците заклучија дека ВИ треба да го надополнува човечкото расудување, а не да го заменува. Редакциите мора да обезбедат нивната употреба на ВИ да произлегува од нивните вредности и етички принципи. „Довербата на нашата публика е нашата највисока вредност. За да ја зачуваме, мора да бидеме искрени и транспарентни,“ рече Весна Ивановска-Илиевска, ко-основачка и главна уредничка на Умно.мк.
Целиот текст може да го преземете на линкот.
Фото: Кајла Гудсон





