Си посакувам улоги кои ќе ми значат мене, на прекрасната велешка публика и пошироко

Светот на Флоријан Зелер е светот во кој ние живееме сега. Јас веќе сум во тој свет. Го живеам и се соочувам со него, ми остана само да го најдеме вистинскиот начин, театарски начин да го поделиме со публиката – вели актерката Зорица Панчиќ, која со улогата во претставата „Мајка“ одбележува три децении живот на сцена

Започнала со улога во претставата „Дете Килиба“ пред точно 30 години, на сцената која е нејзина матична и каде е една од најважните актерки, стожери на репертоарот на Театарот „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ во Велес. Многу улоги, многу аплаузи се веќе впишани во кариерата на Зорица Панчиќ. Нејзина последна премиера е „Мајка“ од Флоријан Зелер (реприза на 21 февруари), во режија на Јордан Витанов.

Зорица Панчиќ дипломирала глума во 1994 година на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а настапувала во театрите во Куманово, Штип и во Велес.

-Имаше периоди кога мислев дека времето стои и на агонијата ‘и нема крај. Тука зборувам за моето запознавање со суетата, со недостатокот на средства за реализирање на одредена претстава, за тежината на текстовите со која одредени режисери немаа капацитет да се соочат… Во секој случај, решив да го памтам само доброто – вели Панчиќ.

30 години на сцена е голем јубилеј. Да ја потсетиме публиката, а и да се вратите вие назад, која беше ваша прва улога и претстава пред три децении?

 – Само да појаснам, оваа година славам јубилеј на сцената на велешкиот театар. Моја прва претстава во велешкиот театар беше „Дете Килиба”, во режија на Виолета Џолева. Покрај актерите на ансамблот на театарот гостуваше Снешка Коневска Руси. Тоа беше мое прво запознавање со страшните услови за работа, со студот и огромниот ентузијазам и љубов за театар на велешкиот ансамбл.

Поминаа ли брзо, како на филмска лента овие години, во контекст на театарски предизвици?

 – Некои поминаа многу брзо, а некои не. Иако, од денешен аспект ми се чини дека сето тоа било вчера, сепак имаше периоди кога мислев дека времето стои и на агонијата ‘и нема крај. Тука зборувам за моето запознавање со суетата, со недостатокот на средства за реализирање на одредена претстава, за тежината на текстовите со која одредени режисери немаа капацитет да се соочат… Во секој случај, решив да го памтам само доброто.

„Мајка“ е Вашата последна премиера. Голем предизвик да се игра во современиот драмски текст кој е еден од водечките на театарските сцени низ светот. Беше ли тешко да се влезе во светот на Флоријан Зелер?

 – Светот на Флоријан Зелер е светот во кој ние живееме сега. Јас веќе сум во тој свет. Го живеам и се соочувам со него, ми остана само да го најдеме вистинскиот начин, театарски начин да го поделиме со публиката. Се надевам дека успеавме во тоа.

Каква соработка имавте со вашите колеги – искусниот Зафирчев и младите Сандра Танчева и Кире Ацевски?

 – Ќе почнам со младите. Секогаш уживам да работам со млади колеги, со луѓе кои имаат голема желба, а малку искуство. И кај нив, како и во животот секогаш победува љубовта, да бидат дел од процесот на создавање на претстава и дел од нејзиниот живот. И Сандра и Кире дадоа сè од себе да направиме успешна претстава и мило ми е што тоа го правевме заедно.  Васил. Мојот прекрасен колега. Мој пријател. Моја поддршка. Не можам доволно да му се заблагодарам за неговото присуство на сцената, а и во мојот живот. Тој секогаш ќе има посебно место во моето срце.

 Како се подготвувате за секоја улога? Колку Ви влијае со кој режисер соработувате за вашиот пристап?

 – Секоја моја улога е нешто ново за мене. И секоја заслужува посебен третман и пристап. За секоја улога давам сè од себе да биде успешно донесена, бидејќи театарот е моја љубов и моја професија. Со секоја нова претстава, имам и нов ритуал пред секоја изведба. Се разбира дека режисерот има огромно влијание на процесот на создавање на една претстава. Некои режисери, ми помагаат во создавањето на ликот и суптилно го вадат најубавото и најкреативното од мене. А некои, просто не. Тоа е.

Имавте ли некогаш потреба да играте и надвор од матичната сцена?

 – Се разбира дека да. И играв. Долги години соработував со Театар „Колозов”, со детски и со претстави за возрасни; со Снешка Коневска во детски претстави, нахсинхронизација на цртани и играни филмови во студио „Кларион“; Театар за деца и младинци – Скопје, гостувања во кумановскиот театар; театарот ,,Скрб и утеха”; штипскиот театар; Академска театарска лабараторија и други независни сцени.

Во изминатите три децении како расте овој ансамбл? Што би промениле кај него?

– Па можам да Ви кажам дека убаво расте. Имаме неколку млади колеги, сите прекрасни и талентирани. Имаме и нови млади колеги, се уште невработени кои секако би сакала да бидат вработени, затоа што се и тие прекрасни и талентирани. Тие се нашата иднина. Убава и светла иднина.

Која улога сакате да ви се случи, а ја немало досега?

 – Досега ги немало улогите кои ги немам се’ уште одиграно, а се надевам дека ќе се случат. Велат дека ние не ги бираме улогите, туку тие нас. И мене ми останува само да си посакам да ми се случат улоги кои нешто ќе значат. Ќе ми значат мене, на прекрасната велешка публика и на публиката надвор од Велес.

Сподели