Што сè може да работи дипломиран студент на Институтот за физика?

Студиските програми на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ имаат едно заедничко јадро, односно дел од предметите се исти, така што без разлика за која студиска програма ќе се одлучат идните студенти, без големи тешкотии може да се вклопат на различните работни места, каде што се бараат физичари

На Институтот за физика моментално се активни шест студиски програми на студиите од првиот циклус студии. Студиските програми имаат едно заедничко јадро, односно дел од предметите се исти, така што без разлика за која студиска програма ќе се одлучат идните студенти, без големи тешкотии може да се вклопат на различните работни места, каде што се бараат физичари. Се разбира, секоја од студиските програми има свои специфики и секој иден студент што го влече физиката може да го направи својот избор во зависност од личниот сон за идната професија.

Теориска физика. Студиската програма е посебно погодна за студентите коишто имаат склоност кон аналитичко размислување и способност да ги применуваат математичките знаења и вештини за објаснување на природните појави и процеси. Студиската програма Теориска физика е вистинскиот избор доколку имате амбиција во иднина да бидете научник. Моментално, во Македонија теориските физичари работат на универзитетите и во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Институтот за физика има соработка со МАНУ, така што нашите студенти уште во текот на студирањето добиваат можност да одат на студентска пракса во МАНУ и одблиску да видат како е да се работат фундаментални научни истражувања и да се биде дел од меѓународни истражувачки проекти.

Институтот за физика при ПМФ – Скопје е исто така одлична можност за работа на студентите, коишто ќе се запишат на студиската програма теориска физика. Сите оние коишто имаат амбиција својот кариерен пат да го продолжат како универзитетски професори, што подразбира да се занимаваат и со наставна и со научно-истражувачка дејност нема да погрешат, доколку се запишат на насоката теориска физика.

Оваа студиска програма нуди одлична основа и за продолжување на студиите од вториот циклус студии на Институтот за физика при ПМФ – Скопје, а потоа и на третиот циклус, односно на докторски студии. Еден дел од студентите, коишто произлегле од оваа студиска програма, своето образование и кариера ги имаат продолжено на престижни универзитети и истражувачки центри во странство, како што се ЕТХ Цирих, Универзитетот во Манчестер, Универзитетот во Марсеј, ЦЕРН итн.

Медицинска физика. Медицинскиот физичар ги познава физичките принципи на работа на модерните медицински уреди, обучен е за планирање на медицинска зрачна терапија, контрола на квалитетот на опремата, имплементација на стандардите за заштита на медицинскиот персонал и пациентите од јонизирачки зрачења. Медицинската физика е професија, за којашто се јавува сè поголема потреба, бидејќи во согласност со многу европски прописи и стандарди, медицинските установи, во коишто дијагностиката и терапијата вклучуваат примена на јонизирачки зрачења, треба да имаат вработено медицински физичар.

Денес, во Македонија, успешни медицински физичари, произлезени од Институтот за физика при ПМФ – Скопје, ќе најдете на Медицинскиот факултет во Скопје и тоа на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина, Клиниката за радиотерапија и онкологија, Клиниката за радиологија. Добра можност за успешен кариерен развој за еден медицински физичар нуди и Универзитетскиот институт за позитронско емисиона томографија (ПЕТ) на Република Македонија, познат како ПЕТ Центар. Исто така, во јавниот сектор, медицинските физичари може да се вработат и на Институтот за јавно здравје и Дирекцијата за радијациска сигурност.

Во приватниот сектор, постојат неколку лаборатории, во коишто работат медицински физичари, а тоа се Екотех ЛАБС, Стјуарт Инспект, Фармахем и други. И покрај тоа што во последните неколку години, интересот за студирање Медицинска физика расте, сепак од нашите контакти со јавниот и приватниот сектор можеме слободно да кажеме дека сè уште недостасуваат медицински физичари. На Институтот за физика при ПМФ – Скопје се води сериозна грижа за студентската пракса, така што студентите, коишто ќе се запишат на студиската програма Медицинска физика ќе добијат можност уште во текот на студирањето да посетуваат пракса во институциите спомнати погоре и одблиску да се запознаат со нивното идно работно место.

Применета физика. Оние коишто ќе ја изберат студиската програма Применета физика ќе се оспособат за примена на физичките закони во реални ситуации, за научно експериментирање, совладуваат софистицирани мерни техники кои се применуваат во научни, развојни и метролошки лаборатории. Денес, студентите дипломирани на оваа програма се вработени во индустријата, односно во компаниите како КЕМЕТ електроникс, Џонсон Мети, и некои приватни лаборатории. Исто така, пазарот нуди можност за вработување и во јавниот сектор, како на пример Институтот за јавно здравје, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Институтот за акредитација, чијашто дејност е акредитирање на стручни лаборатории за изведување на различни физички мерења и тестирања.

Астрономија и астрофизика. Студентите се оспособуваат за обработка на податоци од астрономски набљудувања, како и за примена на физичките закони во услови кои драстично се разликуваат од оние на Земјата. Можности за вработување во Македонија нуди Институтот за физика при ПМФ – Скопје. Исто така, оваа студиска програма нуди можност за работа низ астрономските опсерватории во светот. На Институтот за физика постои соработка со некои опсерватории од соседството, така што студентите ќе имаат можност да се оспособат за анализа на реални податоци. Исто така, ќе добијат добра основа за моделирање на астрофизичките појави и процеси. Студирањето на оваа студиска програма дава солидна основа за продолжување на студиите на вториот и третиот циклус студии кај нас или во светот.

Геофизика и метеорологија. Студентите се оспособуваат за работа во сеизмолошки опсерватории, за истражувања поврзани со откривање на наоѓалишта на руди, нафта, гас, за работа во метеоролошки опсерватории, за прогноза и симулација на времето и климата. Дипломираните студенти на оваа студиска програма може да се вработат во Управата за хидрометеоролошки работи, М-НАВ, доколку се повеќе наклонети кон метеорологијата. Оние што се интересираат за земјотресите имаат можност да работат во Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ – Скопје, каде што се следат сите земјотреси што се случуваат на нашите територија, но и насекаде низ светот. Исто така, и Сеизмолошката опсерваторија се соочува со недостиг од кадар.

Наставна физика. Студиската програма Наставна физика е од круцијално значење за државата. Оваа студиска програма ги продуцира идните наставници по физика, коишто се дефицитарен кадар. Оние, коишто ќе се запишат на оваа студиска програма ќе имаат можност да добијат солидна стипендија, бидејќи државата ја стимулира оваа професија. Професијата наставник е најблагородна професија и секој оној, којшто има вистински афинитет кон физиката е добар кандидат за пренесување знаења на младите. Доколку ја изберете оваа професија, имате можности за вработување во основните и средните училишта во Македонија, како државни, така и приватни.

Институтот за физика при ПМФ – Скопје нуди можност за паралелно студирање на две студиски програми за талентираните студенти, коишто имаат доволно висок просек. Доколку имате дилеми која студиска програма да ја изберете, Институтот за физика при ПМФ – Скопје ќе ви даде шанса да завршите дури и две студиски програми.

Сподели