Премиера на театарската претстава „Амадеус“ од Петер Шафер во режија на Андреј Цветановски, во продукција на Турскиот театар од Скопје ќе се одржи вечерва во 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Сценографијата е на Сергеј Светозарев, а костимите – на Раде Василев. Улогите ги толкуваат: Селпин Керим, Јеткин Сезаир, Слаѓана Вујошевиќ, Аксел Мехмет, Џенап Самет, Бурханедин Ибрахим, Емине Халил, Озан Илдриз и Игбал Саидова. Сценските движења се на Дамјан Цветановски, а Игор Митревски е задолжен за дизајнот на светлото.
– На полето на музиката, еден од малкутемина кои го задолжиле човештвото со своите композиции и оставиле печат на своето време е Волфганг Амадеус Моцарт. Но, не и признание од своите современици. Освен од еден. Антонио Салиери, неговиот вечен непријател, е единствениот човек кој ја препознава неговата генијалност. И заради таа генијалност, тој станува негов најголем непријател. Салиери, го носи проклетството да ја познава музиката толку добро да може да го препознае божественото во Моцарт, но никогаш да не создаде нешто толку совршено – пишува во најавата на претставата.
Андреј Цветановски во своето режисерско творештво најчесто се занимава со класичната светска драматургија, но и дела од македонски автори. Неговата режисерска визија е визуелна и со намера да создаде ново читање на класичните приказни. Дипломирал на Универзитетот ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк во 2010 година со претставата „Салиери“ по текстот „Амадеус“ од Питер Шефер. На истиот факултет магистрирал во 2018 година со претставата „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир и тезата на тема „Адаптација на други дела од Вилијам Шекспир во Сон на летната ноќ“. Од 2010 година е ангажиран како демонстратор по предметите Театарска режија и Глума, а подоцна станува асистент на проф. Дејан Пројковски на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Од 2013 до 2017 година беше уметнички директор на Театар Комедија.
Цветановски во својот опус има 40-ина претстави, различни по жанр и естетика, но слични во идејата да се создаде ново читање на класиката и да се инсистира на визуелната компонента на претставата во целина. Неговите претстави учествуваат на фестивали и гостувања во Македонија, како и во Србија, Црна Гора, Бугарија, Босна и Херцеговина, Албанија и Русија, каде што постигнуваат успех и признанија.
Насловна фотографија: Илир Сј. / Извор: Турски театар – Скопје





