Третоодделенци од скопското училиште „Ѓорѓија Пулевски“ ја посетија источната некропола на археолошкиот локалитет Скупи и тековните археолошки истражувања. Посетата е дел од проектот „Јас – археолог“ на Археолошкиот музеј од Скопје, под раководство на м-р Марија Рабаџиска, водич во музејот. Целта на проектот е да ја прикаже од прва рака работата на археолозите и процесот низ кој минува еден археолошки предмет од моментот на пронаоѓање до моментот на изложување во музејските витрини.

– При посетата на Скупи, конзерваторите од Музејот на град Скопје ги запознаа учениците со техниките на конзервација и со процесот на водење документација за пронајдените археолошки предмети – велат од Археолошкиот музеј.
Проектот „Јас – археолог“ ќе продолжи и понатаму и ќе придонесе кон продлабочено разбирање на работата на археолозите преку интерактивни активности, едукативни работилници и практични демонстрации. Програмата е наменета за ученици, студенти, но и за пошироката јавност, нудејќи им можност да се запознаат со методите на ископување, анализа и зачувување на археолошките наоди. Главната цел е да се поттикне љубопитноста за минатото, да се промовира значењето на археолошкото наследство и да се инспирираат идни генерации археолози.

Фото: Археолошки музеј на РС Македонија





