Проектот „Пејзажно искуство“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска не е бегство од реалноста, напротив. Толку е реално што за миг ви доаѓа да побегнете. Но, бидејќи љубителите на уметноста секогаш одат во спротивна насока, драго ми е што сме на вистинското место, но во едно неизвесно време, рече вчера попладне министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на македонскиот павилјон на 59. издание на Венециското биенале за ликовна уметност.

Во објектот „Скуола деи Ланери“, во присуство на многубројни гости, беше презентиран официјалниот претставник на нашата земја на престижната манифестација.
– Шлемови, арсен, пеливани… војни, еколошки катастрофи и таа вечна борба меѓу доброто и злото. Можеби доволна асоцијација на Украина, на ковид-19, на опстанок. Дали сме подготвени за ова патување низ уметноста? Ако одговорот е да, да тргнеме веднаш – рече Костадиновска-Стојчевска.
Директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими, комесар на изложбата истакна дека ова е 8. учество на НГМ како официјален организатор од Македонија на Биеналето во Венеција.
– Тоа претставува гордост, но и одговорност и константен предизвик за презентациите на македонските автори кои со своите автохтони визуелни ракописи се во сооднос со светските актуелни тематики. Овие податоци говорат за основната визија на Националната галерија – презентација на квалитетни авторски остварувања на реномирани македонски уметници кои ја претставуваат нашата земја на ова најпрестижно светско биенале на визуелните уметности – рече Старова-Ќерими.

Таа, појаснувајќи ја концепцијата на проектот, истакна дека преку естетиката на магичните пејзажни креации на еден прекрасен, напуштен и еколошки катастрофално уништен геополитички регион, претставена е токсичноста и разорната моќ на привидната надреална убавина врз здравјето на целиот жив свет.
Куратори на проектот се Ана Франговска, виш кустос во НГМ и Сања Којиќ-Младенов, кустос советник во Музејот на современата уметност во Нови Сад, Србија, и кустос на проектот „Евровизија“ (Evrovizion) во Одделението за визуелна уметност на ИФА Штутгарт. 59. Венециското биенале на уметноста ќе се одржува од 23 април до 27 ноември, а куратор е Сесилија Алемани.
Фото: НГМ/Министерство за култура





