„Сè секаде одеднаш“ завладеа на „Оскарите“ со седум статуетки

Со седум Оскари од 11 номинации, филмот „Сè секаде одеднаш“ е апсолутен победник на 95. издание на филмските награди, со кои Американската академија за филмски уметности и науки ги наградува најзаслужните за изминатата година.

Приказната за кинеската иселеничка, која е затекната во луда авантура, каде таа сама може да го спаси светот преку истражување на други универзуми ги освои наградите за најдобри: филм, режија, актерка во главна и во споредна улога, актер во споредна улога, оригинално сценарио и монтажа.

Актерката Мишел Јео стана првата актерка по потекло од Азија, што ја освои посакуваната филмска награда.

– Ова е за сите малечки момчиња и девојчиња што ме гледаат вечерва – ова е парче надеж дека е возможно. Дами, не дозволувајте да ви велат дека сте ги поминале вашите најдобри години – изјави Јео.

Ке Хуј Куан беше прогласен за најдобар актер во споредна улога и стана првиот актер со потекло од Виетнам кој освои Оскар. Ова е првпат во историјата на Оскарите повеќе азиски актери да освојат статуетки во иста вечер.

Легендарната Џејми Ли Кертис ја освои нејзината прва златна статуетка во нејзината долгогодишна актерска кариера во Холивуд и беше прогласена за најдобра актерка во споредна улога. Наградата, пак, за најдобар актер во отиде во рацете на Брендан Фрејзер, за неговата главна улога во филмот „Китот“, победувајќи ги Остин Батлер, Колин Фарел, Пол Мескал и Бил Наји. Овој филм, исто така, ја освои наградата за најдобра шминка и фризура.

– Знам дека изгледа како да стојам сама пред вас, но јас во себе носам стотици луѓе -изјави таа, пред да им оддаде почит на нејзините колеги од филмот „Everything Everywhere All at Once“, но и на нејзините блиски луѓе.

Даниел Кван и Даниел Шајнерт е трето режисерко дуо во историјата на наградите, што освоило статуетка. Тие им ги посветија наградите на своите мајки.

Воената драма „Сè е тивко на западниот фронт“, која е филмска адаптација на истоимениот роман на Ерих Марија Ремарк од 1929 година, победи во четири категории – најдобар интернационален филм, најдобра музика, сценографија и кинематографија.

Филмот „Пинокио“ на Гилермо дел Торо е прогласен за најдобар анимиран филм, а „Навални“ – за најдобар документарец.

Водител на свечената церемонија беше комичарот Џими Кимел, кој преку своите шеги ја потенцираше потребата од елиминирање на родовата и расната дискриминација на Оскарите. Тој не ја пропушти приликата да се пошегува за минатогодишниот скандал со Вил Смит и Крис Рок.

На следниот линк проследете ги сите наградени.

Сподели