Народот се повеќе се жали во Советот на етика во медиумите, ако порано имавме 80, лани имавме над 130. Тоа зборува дека медиумите се понепрофесионални и неетични. Како бројка кажува дека е зголеман и видливоста на Советот на етика, што ни беше и наша цел. Околу 60 проценти од жалбите се од граѓани, втори – околу 35 посто се организации, адвокати и сл. Радува дека тие ја препознаваат потребата од жалби – рече Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при Советот на етика на медиумите, на вчерашната панел-дискусија што на организираше Македонскиот инситут за медиуми, на тема „Важноста на медиумската саморегулација за унапредување на професионалните стандарди“.
Адамчевски објасни дека најмногу жалби има за онлајн-медиумите. Во поглед на почитувањето на етичките норми и насоките…и натаму најмногу прекршоци се појавува кај член 1 од кодексот, каде новинарите не ги проверуваат информациите, не ги проверуваат дали се точни тие податоци, а тоа практично се дезинформации, вели тој.

-Голем скок имаше во жалбите што се однесуваа на ЛГБТ заедницата, во поглед на дискриминација и говорот на омраза. 18 проценти од жалбите се однесуваат на ова. Се забележува тренд на непрофесионално однесување од медиумите кон социјалните мрежи. Нивните текстови и содржини кога ќе се објават на социјалните мрежи, оти има слободен простор на коментари и таму има коментари со говор на омраза. Во тој поглед ќе мора нешто да се преземе – посочи Адамчевски.
Исто така и Советот на честа при ЗНМ е зголемен бројот на жалби и поплаки. Лани имало 25 претставки, за разлика од 2022 година, кога биле само 3, посочи Сашо Димовски.
Во рамките на панел-дискусијата беа презентирани заклучоците од регионално истражување посветено на саморегулацијата на онлајн-медиумите и самоодржливоста на саморегулаторните тела кои се два главни предизвика во земјите од Западен Балкан и Турција. Според авторките на истражувањето за Македонија, саморегулацијата има поголемо влијание врз традиционалните медиуми, отколку врз онлајн-медиумите и потребно е да се најдат механизми со кои ќе се обезбеди подолгорочна самостојност и функционалност на саморегулаторните тела.
– Саморегулацијата е добар стимул за развојот на медиумската сфера, но таа не може да функционира изолирано од целиот општествен контекст. Државите треба да обезбедат поддржувачка клима за да може да се намали притисокот генерално врз медиумската сфера, со што би се обезбедиле услови за да може да функционира саморегулацијата – рече Весна Никодиноска, раководителка на програми во МИМ, и коавторка на истражувањето „Медиумската саморегулација во Северна Македонија: Неопходно зајакнување на механизмите и унапредување на ефективноста“.

Причина за првиот суштински проблем – слабата саморегулација во онлан-медиумите, за разлика од традиционалните, е во тоа што се уште нема законска регулатива, а многу е голем бројот на онлајн-медиумите и повеќето од нив се анонимни.
-Сето тоа создава комплексна ситуација во која е тешко да се примени саморегулацијата на онлајн-медиумите. Вториот суштински проблем забележан во сите земји од регионот е самоодржливоста на саморегулаторните тела на долг рок. Потребно е да се најдат механизми за да може да се обезбеди подолгорочна самостојност и функционалност на саморегулаторните тела. Треба да се иницираат разговори во самите држави и на ниво на фела за изнаоѓање функционални механизми. Во моментов најголем број од саморегулаторните тела се финансираат на проектна основа, од донатори. Но, тоа може да биде привремено и во иднина треба да се бараат механизми кои ќе обезбедат долгорочна самостојност – некаква, дали директна или индиректна помош, од државата, рече Никодиноска и како пример ја посочи Црна Гора каде што саморегулаторното тело се финансира преку Фонд за плурализам на таа земја.

Професорката и медиумски експерт Марина Тунева, коавторка на истражувањето за нашата земја, истакна дека во основа добро функционира саморегулаторниот механизам во државата нагласувајќи ја улогата на Советот за етика во медиумите (СЕММ) и неговите иницијативи, како што е креирањето регистарот на професионални онлајн-медиуми кој, како што рече, треба да се промовира и да се почитуваат критериумите кои им се наложуваат на медиумите што се дел од него.
-Поле на кое треба да се работи е подобрување на видливоста на саморегулаторните тела – дали станува збор за Советот за етика во медиумите, Советот на честа при ЗНМ или Етичката комисија во МРТ, значи нешто на што може да се работи во соработка со граѓанскиот сектор, експертската заедница, секој кој може да поддржи да ја афирмира улогата на саморегулаторните тела за тие да бидат користени, рече Тунева.
Засега финансирањето на овие тела е со донаторска помош.
-Но тоа не може да биде на долг рок, зашто праксата во светот покажува дека овие тела треба да бидат поддржани на поинаков начин. Треба да се градат капацитетите, да се професионализираат понатаму кадрите, тоа да се организира во соработка со граѓанскиот сектор итн., истакна Тунева.
Истражувањето било спроведено од април до јули 2023 и опфатило интервјуа со експерти за медиуми и саморегулација и анализа како функционираат саморегулаторните тела во однос на прием на поплаки.
Истражувањето денеска беше претставено на панел-дискусија „Важноста на медиумската саморегулација за унапредување на професионалните стандарди“ која беше отворена со воведно обраќање на евроамбасадорот Дејвид Гир и неговата порака дека во пресрет на двојните избори е „важно да се потсетиме на професионалното и веродостојно медиумско известување“ и дека тоа е понагласено, рече, во онлајн-вестите каде што треба да постои кодекс за интеракција со онлајн-корисниците.
-Саморегулацијата во новинарството не е само поим туку и темелен принцип кој ја води струката кон повисоки стандарди, интегритет, точност и правичност. Особено во предизборни периоди, како сега, кога има високи влогови и емоциите се на повисоко ниво, вие имате дополнителна одговорност и дополнително оптоварување да известувате точно, професионално и на начин што јасно и го изложува на јавноста изборот што го прави. Саморегулацијата може да им помогне на новинарите и медиумите кон попрофесионално и одговорно известување, но и да одговори на други предизвици, како политичкото влијание, и на поглобални закани кон медиумскиот простор, како што е на пример вештачката интелигенција што сега е во зародиш но се повеќе ќе гледаме како овие технологии ќе влијаат врз медиумскиот терен – рече евроамбасадорот Гир.
Посочи дека Европската комисија во последниот извештај бележи потреба од засилена саморегулација во медиумите особено преку развивање регистар за онлајн-медиуми и разработка на професионални стандарди за онлајн-новинарство. Тоа, рече Гир, е во контекст на заканата од дезинформации и потребата јавноста да осознае што се тие и да ги подобри вештините за медиумска писменост.
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) Младен Чадиковски ја нагласи потребата од приспособување на новиот новинарски и медиумски пазар и дека во тоа е многу важна саморегулацијата.
-Порано не го сфаќавме тоа, имавме други медиуми, но денеска таа е камен-темелник на нашата професија бидејќи ги втемелива и мора да ги втемелува принципите на одговорност, транспарентност и на етичко однесување. Таа треба да биде доказ за нашата заложба да ја поддржиме довербата на јавноста, да ја зголемиме довербата на јавноста во медиумите и на некој начин да служиме како чувари на вистината во оваа ера полна со дезинформации и пропаганда, рече Чадиковски. Додаде дека ЗНМ со партнерски организации ќе подготви нов кодекс на новинари усогласен со постојаното менување на медиумскиот пазар и тој, рече, ќе биде компас – водич во ерата на модерното новинарство.
Исто така потсети на една од последните активности на ЗНМ а тоа основањето на Академијата за новинари и медиумски работници.
-Преку Академијата ЗНМ ќе ги поттикнеме новинарите и медиумските професионалци да прифатат нови форми на раскажување приказни, да ги искористат новите технологии и да ја подобрат медиумската писменост низ нашето општество“ – заклучи претседателот на ЗНМ.
На панел-дискусијата се обратија и Леунора Калиќи, претседателка на УО на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), за важноста на медиумската саморегулација за унапредување на професионалните стандарди, вклучително и во предизборни периоди дискутираа Анета Андонова, одговорна уредничка на Првиот програмски сервис на Македонската Телевизија, Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ, Саше Димовски, претседател на Советот на честа при ЗНМ и Драгица Љубевска, раководителка на сектор во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Сите се согласија дека треба повеќе да се работи на личната етика и одговорност на медиумите и кадарот што работи во нив. А, кога ќе им биде укажано на грешка, претставка, да ја прифатат и да не ја повторат.





