Се одржа научна конференција посветена на винската сорта „вранец“

Најновите научни сознанија поврзани со винската сорта „вранец“ беа споделени на 4. научна конференција „Вранец – Наука, иновации и глобални перспективи“ што ја организираше Земјоделскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во соработка со Здружението „Вина од Македонија“. Целта на собирот беше претставување на нови научни сознанија поврзани со „вранец“, винска сорта која се одгледува долги години во Македонија и во регионот, како главен претставник на црвените вински сорти и лидер-сорта која го карактеризира типот на македонските црвени вина.

На конференцијата учествуваа докажани научни експерти од Македонија, Црна Гора и од Србија, во областа на лозарството и винарството, кои презентираа резултати од претходни научни истражувања поврзани со сортата „вранец“. Присуствуваа и учествуваа многу претставници од други научни и образовни институции, од владини институции и од секторот лозарство и винарство.

Настанот го отвори проф. д-р Виктор Ѓамовски, директор на Земјоделскиот институт од Скопје, а присутните ги поздравија проф. д-р Биљана Ангелова, ректорка на УКИМ и Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршен директор на Здружението „Вина од Македонија“.

Научниот дел од конференцијата го отвори проф. д-р Климе Белески од Земјоделскиот институт со темата „,Вранец‘ во Македонија – истражувања и перспективи“. Проф. д-р Весна Мараш од Биотехничкиот факултет на Универзитето во Црна Гора зборуваше за „,Вранец‘ од Црна Гора – Научен, историски и регионален пат на автохтоната сорта кон винскиот идентитет на Балканот“. Предавањето под наслов „Принос и квалитет кај сортата „вранец“ – предизвици и практични насоки“, го презентираше проф. д-р Душко Неделковски од скопскиот Земјоделски институт, а за „Прецизни лозарски практики за добивање на висококвалитетно грозје од сортата,вранец‘“, зборуваше м-р Ристе Ѓорѓиев од винарската визба „Тиквеш“.

Во вториот дел од конференцијата, проф. д-р Виолета Димовска од Земјоделскиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ од Штип зборуваше за „Влијание на технологијата на производство врз хемискиот состав на маџун (меласа од грозје) од сортата,вранец‘“. Во делот посветен на значењето од заштитата на географските ознаки зборуваа: д-р Дарко Јакшиќ од Институт за Агроекономика, Белград, Србија на тема „Примена на пристапи за моделирање за заштита на географската ознака на виното и производите од грозје“; д-р Филип Вучен од Институтот за интелектуална сопственост од Скопје на тема: „Географските имиња на македонското вино како промотор на европскиот пазар“ и м-р Милица Плетварска-Атанасов од Здружението „Повардарски – врв“ на тема: „,Вранец‘ и географските ознаки – гаранција за квалитет, автентичност и економска вредност“. Конференцијата заврши со презентација и дегустација на вина од сортата „вранец“ произведени од македонски винарии и винарии од регионот.

Фото: Земјоделски институт – Скопје

Сподели