Гроб на млад маж со воена опрема од 5 век пр. н. е. открија археолозите на Милци кај Гевгелија

Пет погребувања од крајот на железното време и доцноархајскиот период на локалитетот Милци, кај Гевгелија беа истражени во рамките на меѓународниот проект што заврши завчера. Археолошките истражувања беа спроведени во рамките на поширока научна програма насочена кон продлабочување на знаењата за погребните практики, материјалната култура и општествените структури на заедниците од железното време и архајскиот период во долината на Вардар.

Проектот „Археолошки и интердисциплинарни истражувања на локалитетот Милци – Гевгелија“ беше реализиран од 15 септември до 10 октомври, како резултат на соработка на Националниот археолошки музеј во Скопје, Музејот во Гевгелија, Одделот за праисториска археологија и археологија на Западна Азија/Североисточна Африка при Австрискиот археолошки институт (Австриска академија на науката) и Универзитетот „Максимилијан Лудвиг“ од Минхен, Германија.

– Посебно се истакнува погребувањето на млад маж со воена опрема од почетокот на 5 век пред новата ера. Добивме интересни податоци за ритуалите на погребување во периодот на 6 и 5 век пр. н. е. Пронајдени се гробните прилози од метал и со полн керамички инвентар, меѓу кои се издвојува и најраните форми на котони и стамноси (видови садови н.з.) – велат археолозите.

Тие паралелно правеле антрополошки анализи на остелошкиот материјал (од оваа и од претходните истражувања на локалитетот). Се работело и ортофотографија на теренските ситуации, а во фаза е изработка на 3Д модели на истражените гробови.

Според археолозите, истражувањата се одвивале врз основа на резултатите добиени од минатогодишните геофизички истражувања на југозападниот дел од некрополата.

– На целиот тој простор во минатогодишните кампањи истражени се вкупно 160 погребувања од железното време и архајскиот период. Проектот е продолжение на долгогодишната соработка помеѓу споменатите институции во повеќе интердисциплинарни дејности, а од оваа година и на археолошки истражувања – велат археолозите.

Во проектот учествуваат археолозите: д-р Александра Папазовска (раководителка), д-р Даниела Хаилман, д-р Марио Гаврановиќ и м-р Златко Кованцалиев (кораководители), д-р Наташа Шаркиќ, физички антрополог, археолозите Бобан Хусеновски, м-р Златко Видески, м-р Александра Чевреска, м-р Никол Митермаер, документаторите м-р Ирене Петшко и Никола Хаџи Николов, Гордана Младеновска, конзерватор, Ивана Вучиќ и Лина Главиниќ, дипломирани археолози и студентите Себастиан Фуседер и Далибор Конехи.

Проектот е финансисски поддржан од нашето Министерството за култура и туризам, Gerda Henkel Stiftung, Ludwig-Maximilians Universität – Munich, RGK Frankfurt and OAI/OAW Viennaсо логистичка поддршка од музејот во Гевгелија.

(В.И.И.)

Фото: Археолошки музеј на РС Македонија

Сподели