„Сценаристи“ – расказ на словенечкиот автор Андреј Блатник

Детективите цело време гледаат детективски серии за да научат како треба да се однесуваат детективи. Чипс на каучот, сплескани лименки крај нозете. И сите тие приказни што се вплеткуваат една во друга. Нека победи доброто, таков нека биде светот, ама не излегува секогаш така, некои приказни се поинакви.

Лошите момци цели денови гледаат детективски серии за да видат дали можат, и покрај злото што го прават, да остават добар впечаток. Чипс на каучот, сплескани лименки крај нозете. Сериите понекогаш изненадуваат, понекогаш мора да се заобиколат истапканите патеки. Понекогаш некој кажува нешто смешно. Понекогаш некого не фрлаат в река со бетонски тег околу нозете – понекогаш добива уште една шанса. Тоа им се допаѓа на гледачите, покрај таква човечност злосторствата е полесно е да се прифатат: светот е комплициран, понекогаш и суров, ама сите сме луѓе.

На детективите и на лошите момци им се допаѓа што телевизијата по цели денови раскажува за нивните професии. Пријатно и поучно, кимаат кога снемува чипс, пиво и денови, кога паѓа ноќта, кога треба да се излезе на улица, на работа, во живот. Некои ноќи се пожешки од останатите, во некои надвор те чека течен бетон, што ќе правиме ноќва со него? Сценаристите ги гледаат овие момци на улиците и си велат, ние сме вистинските жртви на овие приказни. Само од нас зависи дали ќе победи доброто или злото, но никој не знае колку треба за тоа да се размислува, сите гледачки сонуваат само за овие груби момци со пиштоли во рацете, а нам ниту една не ни бара автограм, светот е полн со неправди, некои мораме да ги ставиме и во нашите приказни инаку никој нема повеќе да им верува.

Расказот е објавен во збирката ,,Угризи” во издание на „Артконект“, а во превод на Лидија Димковска

Сподели