Не е целосно спроведена класификацијата, а ревалоризирани се само 18 отсто од вкупниот број на регистрирани недвижни културни добра во Македонија, пишува во извештајот на Државниот завод за ревизија
Поради нередовна грижа, одржување и обезбедување, културното наследство во Македонија трпи оштетувања, загуби и уништувања, објави вчера Државниот завод за ревизија. Ограничена е навремената и соодветна заштита на недвижните добра во земјава поради нејасните и необјективни критериуми за начинот на финансирање на културното наследство и распределбата на средства на надлежните институции. Ова се дел од заклучоците на ревизијата на успешност на тема „Ефикасност на политики и мерки за заштита, управување и ревитализиација на недвижното културно наследство“ што го спроведе ДЗР.
Целта на ревизијата била да даде одговор на прашањето дали со актуелната правна рамка, воспоставениот начин на водење евиденција, финансирање на активностите и преземените мерки на надлежните институции за идентификација, заштита и надзор се обезбедува ефикасна заштита на недвижното културно наследство.
– Мерките и активностите за заштита на надлежните институции не се доволни и ефикасни за потребната заштита и ревитализација и создава реална опасност за трајно зачувување на недвижното културно наследство за индните генерации – пишува во извештајот на ДЗР.
Ревизорите утврдиле дека Законот обезбедува услови за заштита на културното наследство, но има многу недоречености:
– не се предвидени законски одредби за контрола на работењето на Управата за заштита на културното наследство;
– нема одредби за уредување на поимот користење и управување со недвижното културно наследство;
– има неусогласеност со поврзаната законска регулатива и законските решенија се неприменливи.
Ревалоризирани се само 18 отсто од вкупниот број регистрирани добра
Во извештајот пишува дека недонесување на стратешки и плански документи влијае врз дефинирањето на приоритетни цели и основни начела, мерки и активности за заштита и користење на културните добра и активности за трајно зачувување на културните вредности и нивна интегрирана заштита.
– Не е целосно спроведена класификацијата, а ревалоризирани се само 18 отсто од вкупниот број на регистрирани недвижни културни добра во Македонија. Нецелосно е воспоставена заштитната евиденција, нема сеопфатни и ажурирани податоци во Регистарот на недвижно културно наследство, нема функционален Национален информативен систем за културното наследство и јавно достапни информации за неговата заштита – пишува во извештајот.
Според ревизорите, за заштита на културното наследство од буџетски и странски извори за периодот од 2018 до 2021 година се реализирани вкупно 293.528 илјади денари. Одобрените буџетски средства секоја година се намалуваат во однос на побараните средства – во просек од 16 до 23 отсто по година.
– Висината на обезбедените пари и стручни лица не се доволни за ефикасно спроведување на активностите за непосредна заштита, а неправилно алоцирање на средства за заштита ја ограничуваат можноста за навремена и соодветна заштита на недвижните добра. Нерешените имотно-правни односи, долгиот период на постапките за експропријација, отсуството на редовна грижа, одржување, обезбедување, преземање на мерки за заштита од страна на имателите/корисниците и надлежните институции, придонесуваат кон оштетување, загуба, уништување, зголемени трошоци за одржување и активно функционирање на недвижното културно наследство – пишува во извештајот.
Еден куп препораки за институциите
Во извештајот на неколку страници се наведени препораки до многу институции надлежни за заштита на недвишното културно наследство. Дел од препораките до Министерството за култура се:
– да покрене иницијатива за донесување на нов закон за заштита на културното наследство;
– да се утврдат прецизни законски одредби за контрола на работењето над Управата за заштита на културното налседство;
– да се уреди детално поимот користење и управување со недвижното културно наследство во законот од страна на споствениците/корисниците;
– да се предвиди глоба за необезбедени заштитно-конзерваторски услови во законот;
– да донесат годишни планови за остварување на националниот интерес во културата за дејноста културно наследство, врз основа на донесената Националната стратегија за развој на културата;
– да се спроведе темелна анализа за оценување на ефикасноста на функционирањето на Заводите за заштита на спомениците и Музеи на територијата на Македонија и да се утврди потребата и целисходноста од нивна реорганизација во конзерваторски центри или да преземат мерки за почитување на оваа законска обврска;
– да се подобри финансирањето на заштитата на културно наследство и други.
Меѓу другите препораки се: да се одобруваат пари на националните институции за кадровско екипирање со стручни лица и опремување со возила потребни за континуирана и ефикасна заштита на недвижното културно наследство; поголемо вложување во превентивна заштита на културното наследство; УЗКН да преземе мерки и активности за доставување на извештаи/информации за спроведување на Планот за управување со светско природно и културно наследство на Охридскиот Регион до Комисијата за управување со светско природно и културно наследство во Охридскиот Регион; кадровско доекипирање на организационите единици надлежни за недвижно културно наследство и Секторот за превенција и инспекциски надзор на кулурното наследство и многу други.