„Сценариото“ и „Преекспонирано“ за почеток на 6. Beach Film Festival во Охрид

Шестото издание на Beach Film Festival од вечерва до 23 јули ќе се одржи на повеќе локации во Охрид. За почеток на фестивалот ќе бидат прикажани краткометражниот „Сценариото“ на Александра Кардалевска и играниот „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова, во 20.30 часот на плажата „Славија“. Еден час претходнио ќе биде отворена изложба на фотографии на Ристе Спироски. Авторската екипа на филмовите ќе биде и присутна на проекциите.

Фестивалот ќе понуди богата програма со филмски проекции, мастер класови и музички перформанси на четири локации во Охрид, и тоа: Плажа Славија, Плажа Сараиште, Брод Армада и Младински Центар Охрид.

Осум долгометражни играни филма, 16 краткометражни, 9 студентски, 5 француски (земја во фокус) и четири специјални проекции. За крај на фестивалот ќе биде прикажан словенечко-хрватскиот „Нешто слатко“.

Beach Film Festival секоја година расте, не само квантитативно со бројот на филмови, кои се прикажуваат, но и квалитативно со изборот на европски филмови, кои смело ја опишуваат моменталната состојба на светот, современите проблеми, миграциите, правата на жените итн. Фестивалот од година во година станува препознатлив бренд на летната сезона во Охрид и особено ја привлекува младата публика, која го одбира Охрид за летен одмор целно во периодот додека трае фестивалот.

– Од првата година имаме поддршка од Агенцијата за филм, која ги поддржува сите наши идеи, потоа град Охрид, со којшто имаме многу години успешна соработка и веќе сме домашни таму и од годинава ќе потпишеме официјален меморандум и Beach Film Festival ќе се преименува во Охрид филм фестивал, Министерство за култура, исто така и Кинотеката, Француски институт, European Film Challenge, а секако ни е важна и соработката со комерцијални спонзори како „Халкбанк“, коишто со години нè поддржуваат и се залагаат за развој на културата, ДМ дрогерии, коишто со својот летен асортиман совршено ја заокружуваат ова летна приказна и многу други – велат организаторите.

И оваа година фестивалот е поддржан и од Европскиот филмски предизвик кој е достапен за повеќе од 100 милионска публика во 12 држави од Европа, вклучувајќи ја и Македонија. Европскиот филмски предизвик низ годините развива и поврзува мала, но значителна заедница на љубители на европскиот филм и инди киното, која активно го користи просторот за забава, откривање, препорачување и споделување на најдобрите европски остварувања.

Во моментов е активен предизвикот за Венеција, кој победникот ќе го однесе на филмскиот фестивал во Венеција, а правилата за учество се исти: во тек на 10 недели, од 19 јуни до 27 август годинава, да се погледнат 10 европски кинематографски остварувања на фестивали, во киносали, телевизија или на легални VOD платформи, за што се добиваат различен број на поени. Beach Film Festival годинава на публиката, за секој изгледан долгометражен филм од програмата ѝ носи дополнителни 40 поени, а со тоа и поголеми шанси за победа.

Сподели