Камениот споменик од „Св. Наум“ на насловна страница на меѓународно научно списание

Камениот споменик во дворот на манастирот „Св. Наум“ кај Охрид се најде на насловната страница на новиот број од меѓународното научно списание Studia Mythologica Slavica, во издание на Научно-истражувачкиот центар на Словенечката академија на науките и уметностите. Списанието третира теми од религиското наследство на словенските и останатите европски народи, а на камениот споменик од „Св. Наум“ е посветен првиот труд од новиот број – на дури 79 страници! Автори на трудот се д-р Никос Чаусидис, професор по археологија на Филозофскиот факултет во Скопје и Игор Ефтимовски, негов докторанд.

Според содржината на објавениот труд, споменикот бил откриен случајно при реконструктивни градежни зафати на манастирските конаци, секундардно вграден во некој од нив. Оттогаш, тој се наоѓа во дворот на манастирот, привлекувајќи ги посетителите, како и авторите на трудот, со својот уникатен изглед.

Научниот труд го претставува и анализира овој споменик од различни перспективи, вклучувајќи ја неговата иконографија, функција и значење. Според неговите стилски особености, разгледани се повеќе можности за негова датација од предисторискиот, античкиот, раносредновековниот или нововековниот период – дилема што го наметнува неговото вонконтекстуално откритие. Меѓутоа, се чини дека неговата оригинална функција била поизвесна: како религиски идол посветен на некое паганско божество, но евентуално инкорпориран и реинтерпретиран во христијанскиот контекст на манастирот.

Целосниот труд за споменикот од „Св. Наум“, со неговата детална анализа и аргументација на изнесените заклучоци, е достапен за бесплатно читање и симнување од официјалниот веб-сајт на списанието Studia Mythologica Slavica, на линкот. 

Сподели