Сашо Димоски: Објектите, како и луѓето, раскажуваат своја приказна

Во Културно-информативен центар во Скопје вечерва, во 21 часот, Димоски ќе ја претстави изложбата на црно-бели фотографии насловена „Станица Скопје ’63“

Мојот пристап кон фотографирањето на објекти е како да портретирам луѓе. И објектите, како и луѓето, раскажуваат некоја своја приказна. И тие се лутат и тие се тажни кога се повредени. Сакав да ги прикажам и да им дадам на тие приказни емоции, вели фотографот Сашо Димоски. Тој вечерва во 21 часот во Културно-информативен центар во Скопје ќе ја претстави изложбата на црно-бели фотографии насловена „Станица Скопје ’63“. Изложбата е во рамките на одбележувањето на 60-годишнината од трагичниот земјотрес што го погоди Скопје.

Сашо Димоски

Како се роди изложбата „Станица Скопје `63“? Дали самиот повод 60 години од земјотресот Ве инспирира или ги имавте фотографиите од различни периоди?

– Може да се каже дека поставката „Станица Скопје`63“ претставува дел од моето подолго истражување на состојбите во македонското општество по промената на политичкиот и економскиот систем од 90-те години на минатиот век наваму: Транзицијата како социо-економски и политички процес и нејзиното влијание врз нашите животи и просторот во кој тие животи се одвиваат. Концепт на кој работам речиси 20 години започнав да го излагам во 2012 година. Секако дека истражувањето на случувањата во минатото и нивните рефлексии на денешницата не застанува само до 90-те, туку се навраќа уште наназад. Реализацијата на ова истражување започна со проектот „Постапокалиптичната реа на транзицијата – Изгрев на залез“, кој како метафора/алегорија го зеде случувањата со и околу хотелот „Изгрев“ во Струга, а продолжи низ ланската поставка во Крива Паланка, наречена „Постапокалиптична реа на транзицијата – 2030“. Оваа вторава започна со неколку лајф-фотографии, каде што беа опфатени повеќе објекти низ неколку градови во Република Македонија, а заврши со неколку фотографии од дочекот на една од штафетите на младоста (80-те).

Панорама, Кале со градот

Третата фаза на „Постапокалиптичната реа на транзицијата“ како концепт се однесува само на Скопје. Уште по завршувањето на Втората светска војна, кога Скопје станува главен град на Републиката, започнува и масовниот наплив на населението во него, поттикнат од одлуките на тогашните власти. Останатите региони на државата постепено, а некогаш и позабрзано, се празнат. Луѓето се населуваат во главниот град (Центарот), притоа отфрлајќи ги традициите и навиките што претходно ги имале. Во тој период, системот се труди од доминантно земјоделско население да создаде работничка класа, но не природно по пат на еволуција, туку наеднаш. Така Скопје некаде пред земјотресот станува град со 200.000 жители, а потоа, некаде до крајот на 60-те, бројот на жителите достигнува до 300.000. Освен наглото зголемување на населениетото, градот постојано визуелно и просторно се менува. Преку некои објекти изградени во постземјотресно Скопје, се обидувам да поставам неколку релевантни прашања во врска со овие феномени. Објектите претставени на фотографиите се држат до првичната идеја на концептот да бидат визуелна метафора/алегорија на случувањата во општеството, на македонската транзиција. Земјотресот е природна појава со разурнувачки ефекти, но што со земјотресите што многу често се случуваат во општествената сфера? Како се справуваме со нив и дали воопшто се справуваме?!?

Во Вашите фотографии бележите места во градот кои во добар дел изгледаат како неодамна да биле под влијание на некаква непогода. Како ги избравте локациите и приказните во вашите фотографии?

– Голем дел од Скопје е разурнат со природната катастрофа од 1963 година. Градот започнал интензивно да се обновува, често со намера да се избрише што е можно повеќе од старото и традиционалното и да изгради едно „ново модерно урбано средиште“. Со декрет. Според мене, тоа е еден од големите проблеми на градот Скопје кој постојано се повторува и до ден-денес. Ако забележите колку е валкан градот, како секаде сè и сешто се гради, како се нема никаков план, како се населува и како се отселува, ќе ви стане јасно дека неговата агонија трае со денеции.

Студентскиот дом „Гоце Делчев“

Земјотресот во 1963 година траел неколку минути, но оној предизвикан од човекот, сè уште трае. Се трудев да одберам само неколку објекти за кои сметам дека се иконички за Скопје (а има уште многу такви). Гледаме дека тие претставуваат метастазирани одрази на еден запоставен град. На еден организам кој се распаѓа. Тој сега навидум расте, но во еден момент лесно може да имплодира.

Која Ви е омилена фотографија од тие што ќе ги изложите или можеби локација?

– Омилена фотографија? Не знам. Сите. Мојот пристап кон фотографирањето на овие објекти е како да портретирам луѓе. И објектите, како и луѓето, раскажуваат некоја своја приказна. И тие се лутат и тие се тажни кога се повредени. Сакав да ги прикажам и да им дадам на тие приказни емоции.

Пропуштивме ли да го реизградиме Скопје, да му создадеме една нова модерна приказна?

– Јас лично не можам да сфатам што е тоа модерна приказна? Како, всушност, се создава модерна приказна? Скопје како град, но и како географски регион живее активно повеќе милениуми. Еве, да тргнеме од Адам од Говрлево и Големата мајка од Тумба Маџари. Продолжува да живее низ праисторијата во континуитет сè до сегашноста. Обидот да се гради нешто со пристапот ex nihilo, како да не постоело претходно живеење, како да немало традиции и културни слоеви, е всушност една од грешките направени во минатото и при „обмислувањето на градот“.

Ново маало

Мислам дека токму на „модерните“ приказни им треба традицијата, а не нејзино бришење. Им треба за да се потпрат и да се повикаат на нешто, на некаков корен. Не велам дека некои грешки во минатото не се направени од најдобра намера или со идеја за прогрес и/или раст, но да се каже дека треба да ги снема „мистиката и егзотиката што некогаш овде царувале“ не е баш најдобар пристап. Тоа значи да му се одземе душата на градот. Ние сè уште да продолжуваме со истиот пристап. Сè што е старо да го снема, да згаснат традициите и да изградиме нешто ново, да се прекине континуитетот. Да ги снема сеќавањата! А од каде би требало да тргне новото?!? Можеби од некои лажни сеќавања, од некакви симулакруми?

Поткале

Работите ли на нешто ново периодов на полето на фотографијата?

– Продолжувам да ја надградувам оваа серија и со други елементи и од поново и од постаро време, но и од други простори. Има уште многу интересни приказни и анализи. Се надевам дека за некое време овој проект ќе заврши спакуван и во книга.

Сподели