Професори велат дека е природен талент за биологија, а интересен е одговорот на младата Сарах каде се гледа себеси за десетина години
Таа е една од талентираните средношколки во Македонија што се натпреваруваше на Меѓународната олимпијада по биологија и постигна одлични резултати. Денес е бруцош на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Професори велат дека е природен талент за биологија, а интересен е одговорот на младата Сарах Абдулаху каде се гледа себеси за десетина години.
– Мојот интерес за биологијата не почна рано. Ми се допаѓаше како предмет уште од основно, но не ми беше омилен. Повеќе се заинтересирав во втората година на средното образование, кога се запишав во општински натпревар по биологија – вели младата Абдулаху.

Сарах Абдулаху
За сега е фокусирана на биологија, но тоа може и да се смени во иднина. Книгите по природни науки и биологија секогаш ги читала целосно уште во првиот месец од школската година и барала каде може да најде повеќе материјали за учење.
– Кога почнав со натпревари, професорката по биологија многу ме поддржуваше, не само мене, туку и сите други ученици што имаа желба да учествуваат. Без неа сигурна сум дека не би достигнала голем успех. Таа ми ја препорача книгата Campbell Biology, која е на повисоко ниво и е напишана на лесно разбирлив начин. Така ми се отворија вратите кон овој свет – вели Сарах.

Лани на Меѓународната олимпијада по биологија
Со натпревари почната во втора година, кога ги поминала општинскиот и регионалниот натпревар и освоила прво место на државниот натпревар. Така го исполнила условот да биде поканета да учествува на селекционите натпревари за Меѓународна олимпијада по биологија (IBO).
– Двапати учествував на олимпијадата и освоив Certificate of Merit (признание), што се доделува на ученици со бодови блиску до бронзен медал. Овие се единствените награди кои нашата држава ги има освоено до сега во олимпијада по биологија – вели Абдулаху.
Од широката област на биологијата засега ја интересираат меѓуклеточните комуникации, особено нивната улога во ембрионалната диференцијација на клетката. На Институтот за биологија студира на насоката молекуларна биологија со генетика.

– Сакав да продолжам со биологијата и универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е најдобриот во Македонија. Покрај тоа, го знам добро факултетот и професорите што нè подготвуваа за олимпијадата – вели Сарах.
Таа е задоволна од атмосферата на факултетот – ја тера да се труди и да даде сè од себе.
– Предавањата се интересни, но вежбите ми се најомилен дел! Повеќе ја сакам практичната работа во лабораторија. Студентите се сите добри и фини, и без другарите и другарките денот би поминал многу побавно – вели Сарах.

А на прашањето каде се гледа себеси за 10 години, едноставно одговара:
– Се надевам дека ќе работам во лабораторија за истражување, или можеби во некој универзитет. Но, ништо не е сигурно. Пред десет години, не би се замислила себеси на местото каде што сум денес.





