Токму тоа ми е предизвикот, да ја играме претставата пред публика која вели: „Е зошто сега феминизам? Е каде гледаш дека жените се дискриминирани и не се еднакви со мажите?“ За нив чувам посебно столче во првиот ред – вели актерката која игра во претставата „Работи за кои не зборуваме“
Во нашето општество има толку многу работи за кои не се зборува, што ако земевме да ги обработиме сите во „Работи за кои не зборуваме“, претставата ќе требаше да биде 24-часовен маратон. Анонимните сведоштва кои ги добивме по електронски пат ни го покажаа патот по кој треба да се развива претставата, вели актерката Сара Климоска. Нејзина последна премиера е токму претставата на режисерката Нела Витошевиќ, за која по само неколку изведби веќе се бара карта повеќе.

Климоска заедно со Исмет Шабановиќ во сцена од „Работи за кои не зборуваме“
Сара Климоска е една од најангажираните актерки во македонскиот театар, иако сè уште за неа нема место во ниеден театарски ансамбл. Цврсто гази и по црвените теписи на филмски фестивали и премиери. Таа годинава ја доби наградата „Ѕвезда во подем“ на Берлинскиот филмски фестивал. Само годинава таа е игра дури во пет филма што се во постпродуција. Агенцијата за филм годинава избра девет жени кои оставија свој белег во 2021 година, меѓу кои е и Климоска. Токму оваа недела ù е посветена нејзе.
„Работи за кои не зборуваме“ е Вашата последна премиера. Каков предизвик беше оваа соработка со Витошевиќ?
– Ова е втора претстава што ја работам со Нела Витошевиќ и досега сме имале одлична соработка и сигурна сум дека тоа нема да застане тука. Јазикот на претставата „Работи за кои не зборуваме“ е уникатен и препознатлив за Нела, бидејќи работи по сличен документарен принцип кој можеше да се забележи и на „Мојот маж“. Но, но овој пат немаше никаква друга предлошка врз која се градеше претставата, туку целиот материјал е документарен, базиран на лични и анонимни сведоштва и извадоци од медиумски материјал. Да се создаде претстава од нула и да се учествува во целиот процес на создавање на содржината и драматургијата е навистина огромен предизвик. Меѓутоа, Нела и целата екипа што учествуваше во овој процес беа навистина посветени и длабоко нурнати во материјалот што го истражувавме и само така можевме да го исполниме огромниот предизвик пред нас. Сметам дека направивме одлична претстава и многу сум горда на целиот тим.

Сара Климоска (фото: Жарко Чулиќ)
За какви сè работи не зборуваме, а ги отвора претставата?
– Во нашето општество има толку многу работи за кои не се зборува, што ако земевме да ги обработиме сите во нашата претстава, ќе требаше да биде 24-часовен маратон. Анонимните сведоштва кои ги добивме по електронски пат ни го покажаа патот по кој треба да се развива претставата. Тие ни покажаа што е гнило во нашата земја. А добивме огромен број сведоштва од луѓе кои се затрупани во канџите на патријархатот, погрешните и коруптивните системски решенија и конзервативниот менталитет.

Ивана Павлаковиќ (лево), Сара Климоска и Никола Настоски
Ви значат ли реакциите на публиката? Како ја доживува претставата во која играте?
– Театарот не би постоел без публика, така што, се разбира дека ни е многу важно како публиката ги доживува претставите. Реакциите не се секогаш позитивни, но и не треба да бидат. Оваа претстава е на моменти интерактивна, а несомнено е многу сурова и не ја остава публиката комфорно да седи во своето столче и да се забавува. Исто така, оваа претстава е политички ангажирана и ние имаме цврст став во однос на тоа што го обработуваме, така што, некој со спротивно мислење, не знам како би си поминал на нашата претстава. Ама мене и токму тоа ми е предизвикот, да ја играме претставата пред публика која вели: „Е зошто сега феминизам? Е каде гледаш дека жените се дискриминирани и не се еднакви со мажите?“ За нив чувам посебно столче во првиот ред.

Климоска во сцена од „Врба“ на Манчевски
Годинава имате дури пет филма во постпродукција. Тоа е сон на секој актер. Може ли да се каже дека го живеете Вашиот сон?
– Среќна сум што имав можност да работам доста на филм на прекрасни проекти што со нетрпение ги чекам премиерите наредна година. Се надевам дека наредна година ќе излезе филмот „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов со кого успеав да ја земам наградата „Ѕвезда во подем“. Потоа, црната комедија на Милчо Манчевски „Кајмак“ на која мислам дека сите горко би се смееле. Потоа, филмот на Елеонора Венинова, со работен наслов „Преекспонирано“ со исклучително софистициран сензибилитет и првиот долгометражен филм на Горан Столевски, „Нема да бидеш сама“, кој верувам дека ќе стигне далеку. Оваа година имав можност по втор пат да работам во Србија на втората сезона на серијата „Мочуриште („Мочвара“) во режија на Олег Новковиќ, каде имав прекрасна можност да соработувам со актерот Горан Богдан на кој многу му се восхитувам, како и со Мухамед Хаџовиќ, Катарина Марковиќ, Марко Јанкетиќ и многу други прекрасни актери.
Ви отвори ли нови врати наградата „Ѕвезда во подем“ на Берлинскиот филмски фестивал?
– Наградата „Ѕвезда во подем“ што ја добив на Берлинале ми отвори доста врати и сè уште ми отвора, но за да влезам во една од нив навистина е многу потешко надвор, отколку тука на овие простори, бидејќи конкуренцијата е многу поголема и јазикот е бариера. Но, се надевам дека убави работи ќе се случуваат.
Фотографии: Кире Галевски





