Самостојната изложба „Простори помеѓу / Шепоти во вдлабнатините, светла на надежта“ од Ана Спасова ќе биде отворена вечерва во 19.30 часот во галеријата „Драгутин Аврамовски-Гуте“ во Сули ан во Старата скопска чаршија. Куратор на изложбата е Гордана Велков. Изложбата претставува мултимедијална инсталација што се развива низ четири меѓусебно поврзани фази. Преку овој структуриран концепт, публиката постепено се воведува во комплексен визуелен и емоционален простор, каде секоја фаза функционира како засебен, но поврзан слој од поширокото истражување на авторката.

Ана Спасова (1996, Скопје) дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Катедрата за графика со модул конзервација и реставрација во 2018 година. Магистрира на истиот факултет – област графика. Од 2020 година работи како асистентка на Катедрата за графика и трансмедиумски практики на ФЛУ. Нејзиното творештво опфаќа различни медиуми, вклучувајќи графика, цртеж, фотографија и инсталација. Учествувала на повеќе од 60 групни изложби во земјава и во странство и реализирала две самостојни изложби. Член е на ДЛУМ од 2019 година.
Изложбата во Сули ан ќе биде отворена за посета секој работен ден од 8 до 18 часот, сè до 20 ноември.
Дизајн: Кристијан Јованоски
Фотографија: Ана Спасова, Јелена Белиќ





