На Националната опера и балет на 18 номеври во 20 часот ќе биде изведен балетот „Госпоѓа Бовари“, дело во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Гистав Флобер. Диригент е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик.
Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Климент Тодороски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.

Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска-Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз и Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно
сценско искуство.





