Саемот на книгата во Болоња ја покани „Прозарт медиа“ во престижна програма

Издавачката куќа „Прозарт медиа“, организатор на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ и на „Скопје Фелоушип програмата“, присуствува на најзначајниот Саем на книга за деца во светот, во Болоња, Италија. „Прозарт медиа“ е поканета од Саемот, во рамки на престижната „Invitation program“, заедно со четириесетина други одбрани издавачи од целиот свет. Во рамки на оваа програма, Саемот обезбедува и штанд за „Прозарт медиа“, на којшто издавачот ги претставува своите изданија, неколку македонски писатели, како и фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ и Скопје фелоушип програмата, а има и бројни средби со издавачи од светот.

Во Болоња, издавачката куќа ја претставува основачот и уредник, Дејан Трајкоски. Меѓу другите активности, Трајкоски е поканет да биде и рецензент во програмата „Портфолио ривју“. Тој настан е дел од официјалната програма и објавен на веб страницата од Саемот.
Во 2022 година, „Прозарт медиа“ присуствуваше во слична програма и на најголемиот Саем на книгата во светот, во Франкфурт.

Сподели