45 дела од колекцијата на МСУ за 45 години постоење на ФЛУ

Изложба „45 години ФЛУ“ ќе биде отворена вечерва во 19 часот во Музејот на современата уметност во Скопје

Со ревијална изложба Факултетот за ликовни уметности во Скопје, вечерва во 19 часот во Музејот на современата уметност ќе одбележи 45 години од основањето. Иако факултетот го одбележува јубилејот со повеќе различни настани, ова е централен настан и официјална прослава на годишнината. Ќе бидат изложени 45 дела од 45 автори од колекцијата на МСУ и дела во сопственост на уметниците кои биле наставен кадар на ФЛУ од неговото основање до денес. На отворањето, присутните ќе ги поздрават проф. д-р Билјана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, в.д. директорот на МСУ, д-р Тихомир Топузовски и деканот на ФЛУ, проф. д-р Славица Јанешлиева.

Изложбата е резултат на долгогодишната заедничка соработка меѓу ФЛУ и МСУ за да се одбележи богатото наследство и креативниот придонес на факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена. Поставката симболично го прикажува континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и половина децении.

Славица Јанешлиева / Фото: Национална галерија на Македонија

Според Јанешлиева, овој настан е значајна можност за академската заедница, уметниците, студентите и љубителите на уметноста да се запознаат со богатата историја на ФЛУ, но и да дискутираат за неговата иднина во контекст на современите уметнички и образовни предизвици.

– Овој јубилеј претставува повод не само да се потсетиме на нашето културно наследство и да ја прославиме нашата уметничка историја, туку и да ги препознаеме сите генерации уметници кои со своето творештво оставиле трајна трага во културниот пејзаж на Македонија и пошироко. Факултетот за ликовни уметности отсекогаш бил место на слободна мисла, креативна експресија, критичко размислување и постојано истражување на нови уметнички хоризонти – вели Јанешлиева.

Поставката треба да ја отслика разновидноста на уметничките практики и правците што се развивале низ годините, нагласувајќи го нивниот континуиран дијалог со современите текови во уметноста. Преку оваа изложба, посетителите ќе имаат можност да ги согледаат промените во визуелниот јазик и концептуалните пристапи што ги обликувале уметниците поврзани со ФЛУ, но и поширокиот уметнички контекст во кој тие твореле.

Покрај уметничките дела во изложбата се поместени и документарни прилози кои сведочат за историјата и активностите на факултетот, овозможувајќи подлабок увид во неговата улога како значајна институција за уметничко образование и истражување.

– Овие материјали ќе послужат како важна референца за досегашното дејствување на ФЛУ, но истовремено и како основа за отворање на нови перспективи за неговата иднина – велат организаторите.

ФЛУ низ годините израсна во институција која не само што создава и поддржува уметници, туку и активно учествува во културниот живот на земјата. Неговите студенти и професори оставиле силен печат во националниот и меѓународниот уметнички простор, а преку изложбата, посетителите ќе можат да се потсетат на некои од најзначајните имиња што произлегле од оваа институција.

– Со оваа ревијална изложба на целокупниот наставен кадар, ФЛУ ја зацврстува својата улога како еден од клучните носители на уметничкото творештво во земјата, истакнувајќи го својот придонес во создавањето и афирмацијата на генерации уметници. Ова не е само прослава на историскиот момент, туку и потсетник за важноста на уметничкото образование во обликувањето на културната иднина. ФЛУ продолжува да инспирира нови генерации уметници, чии дела ќе остават траен печат во нашата уметничка историја – велат од ФЛУ.

Изложбата ќе биде отворена за посетители месец и половина, нудејќи единствена можност да се доживее уметничкото наследство што го оставил факултетот во изминатите 45 години.

Насловна фотографија: Годишна изложба ФЛУ, мај 2024 во Сули ан / Извор – ФЛУ

Сподели