Претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ в понеделник (26 декември) во 19 часот ќе ја има својата премиера на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје. Претставата во режија на Јакуб Максимов од Чешка е работена според истоимениот роман на светски познатата шведска авторка Астрид Линдгрен. Овој текст досега не е поставен на сцената на Театарот.

Драматург е Горјан Милошевски. Тој истакна дека „Роња, ќерката на ограбувачот“ е приказна за две банди, завојувани ривали, но и за две деца што го градат својот пат во животот. „Двете деца кои се од различни кланови на ограбувачи, започнуваат една сосема поинаква авантура. Нивната приказна е приказна за пријателството и силната врска меѓу две чисти души“, вели Милошевски.

Приказната зборува за мостовите во животот. Германска прецизност и балкански дух беше спојот на целата екипа. Така создадовме уникатна претстава, истакна Милошевски.
Во претставата играат: Матеа Јанковска, Ангела Димитрова, Никола Наковски, Катарина Илиевска – Силјановска, Петар Стојанов, Мики Анчевски.
Приказната е полна со акција, па затоа природно ни дојде текстот да го адаптираме во куклена претстава со многу ритмични и музички секвенци. Додека Роња расте, доживува многу пресвртници. За едно такво дете, природно е што некои од нејзините сознанија ќе бидат малку поразлични од начинот на кој размислуваат нејзините родители. Работев со многу талентирана актерска екипа, беше голем предизвик, нивниот влог е голем. И покрај техничките препреки, ние успеавме да направиме посебна приказна со многу минимализам – истакна Максимов.
Тој додаде:
Им благодарам на сите, на овој театар и го потенцирам влогот на Ангела Димитрова која се гледа дека е актерка во вистинска смисла. Таа одлично ја изведе својата дополнителна задача, свири на виолина и ги води своите колеги во пеењето и одржувањето на ритамот“, рече Максимов.
За актерот Мики Анчевски, оваа претстава е различна од сè друго што се правело и со неа ТДМ оди чекор напред, додека за Матеа Јанковска, претставата има многу метафори и ја остава публиката да мечтае.
Како што посочи Димитрова, во претставата се користат автентични методи, со помош на прсти и раце и предмети се создава различна атмосфера: невреме, дожд итн. За Никола Наковски е посебна фасцинација што буквално секој звук во претставата го произведуваат самите тие.
Сценографијата за претставата, дизајнот на куклите, маските, костимите и дизајнот на плакатот и брошурата е авторско дело на Олга Зјебинска од Полска. Композитор и корепетитор е гостинот Лазар Новков од Србија.
Претставата ќе донесе оригинална свежина во репертоарот, посочи директорката на театарот Катарина Илиевска Силјановска. Таа објасни како се случила соработката со Максимов, кој беше гостин на фестивалот „Игор Маџиров“ што беше организиран прв пат во септември годинава. Режисерот одржа работилница за кукларство
Првата реприза на претставата е закажана за 27 декември од 19 часот.





