Романот за тинејџери „Летото кога научив да летам“ на македонски јазик

Од печат, на македонски јазик излезе романот за тинејџери „Летото кога научив да летам“ од српската писателка Јасминка Петровиќ, во издание на „Матица македонска“. Преводот го направи Аполон Гилевски. „Летото кога научив да летам“ е роман за созревањето, напишан во форма на дневник на тринаесетгодишното девојче Софија. Со карактеристична мешавина од хумор, живописни ликови и автентично прикажување на човечкото искуство, романот на Петровиќ нуди поглед на последиците од војната и распадот на СФРЈ од перспектива на денешната генерација млади луѓе, но во исто време се занимава со универзални теми за растењето, пријателството и семејството, во кои секој млад читател може да се идентификува.

Делото е објавено во 2015 година и во наредните пет години доживеа дури пет изданија и преводи на повеќе јазици. Според романот, снимен е и истоимениот филм што премиерно беше прикажан во 2022 година, има неколку драмски поставки, веќе е објавен и со Брајова азбука.

– Станува збор за роман што се занимава со проблемите и потребите на современите тинејџери: дружењето со врсниците, чувството на припадност, забавата, љубовта, несигурноста, досадата… Се занимава и со односот меѓу старите и младите, како и со последиците што војната во 1990-тите во поранешна Југославија ги остави врз меѓучовечките односи и општеството во Србија и Хрватска: мешани бракови, блиски роднини на завојуваните страни, смртни случаи… Летот е метафора за желбата на главниот лик Софија за слобода и пронаоѓање на сопствениот идентитет, а средбите и искуствата за време на летниот одмор носат важни пораки за нејзиното созревање за љубовта, разбирањето, простувањето и надминувањето на болката – велат издавачите.

Сподели