Македонци мои, оваа победа е само за вас!

Македонци мои, оваа победа беше само за вас, рече маратонецот Дарио Ивановски кој денеска победи на 21. издание на Скопскиот визер маратон што го истрча за 2 часа 14 минути и 50 секунди. Тој во последните два километри го помина Џулиос Кипкоеч од Кенија (02:15:20 часа). Трето место освои Давити Каразишвили од Грузија (02:24:48 часа). На маратонот учествуваа повеќе од 14.000 тркачи од 58 земји.

– Сиот свој живот сум се гледал како победник токму зад оваа Порта (Македонија н.з.), токму пред вас. Најважно ми е секогаш достоинствено да ги бранам боите на нашата држава, нашата прекрасна Македонија. Доста е сите да не гледате како губиме. Време е да покажеме дека и Македонија има таленти. Ова е за сите вас, за сите млади – рече Ивановски кога се обрати пред публиката.

Ивановски вторпат победува на скопскиот маратон и со тоа стана најдобриот македонски маратонец и балкански шампион.

Ирине Черуто од Кенија е најдобра во женска конкуренција со време од 2 часа 38 минути и 31 секунда. Второ место освои Маринела Нинева од Бугарија (2:45:36 часа), а трето – Ана Јусупова од Азербејџан (2:36:13 часа).

Најдобар во полумаратонот од 21 километар е Албон Имери од Косово (1:07:57 часа), втор е Македонецот Иван Пешовски (1:11:30 часа) а трет – нашиот Александар Арсов (1:12:52 часа). Од жените најдобра е Греша Бакрачи од Косово (1:20:50 часа) која стигна пред Македонките Теа Божиновска (1:21:10 часа) и Миљана Ристиќ-Стојческа (1:22:13 часа).

Насловна фотографија. Принтскрин

Сподели