Роберт Редфорд замина во легендите

Замина Роберт Редфорд, оскаровец, основач на „Санденс“, либерален активист и кум на независната кинематографија. Почина во својот дом во Санденс, во планините на Јута. Имаше 89 години, пренесува АФП.

Роберт Редфорд е роден како Чарлс Роберт Редфорд Џуниор на 18 август 1936 во Санта Моника, Калифорнија. Прво студирал користејќи стипендија за бејзбол, а потоа се префрлил на цртање, сликарство и актерство. Дебитирал на Бродвеј во доцните 1950-ти и настапувал во серии како „Зона на самракот“ и „Недопирливите“.

Откако станал ѕвезда во 1960-тите, Редфорд беше еден од најголемите актери на 1970-тите со филмови како „Кандидатот“, „Сите луѓе на претседателот“ и „Какви што бевме“. Доби „Оскар“ за најдобра режија за „Обични луѓе“ (1980), кој ја освои и наградата за најдобар филм. Неговата брановидна руса коса и момчешката насмевка го направија најпосакуваниот за главните улоги во Холивуд, но тој се бореше да го надмине сопствениот изглед преку политички активизам, прифаќањето непривлечни улоги или преку неговата посветеност да обезбеди платформа за нискобуџетни филмови.

Улогите му варираа од новинарот Боб Вудворд во „Вашингтон пост“, преку планинскиот човек во „Џеремаја Џонсон“, па сè до двоен агент во филомовите на Марвел. Соработувал со Џејн Фонда, Мерил Стрип и Том Круз, но неговиот најпознат партнер беше неговиот долгогодишен пријател и активист Пол Њуман. Нивното партнерство кулминираше со култниот „Буч Касиди и Санденс Кид“ (1969), филм кој го инспирираше да го основа Институтот и фестивалот „Санденс“.

Во 1973 настапи со Њуман во „Мамката“ кој доби „Оскар“ за најдобар филм, а Редфорд доби номинација за најдобар актер. По 1970-тите се проретчија неговите улоги како актер, бидејќи се сврте кон режија и продукција, но остави белег со „Моја Африка“ (1985), „Сè е изгубено“ (2013), каде што беше единствениот актер и „Старецот и пиштолот“ (2018), кој го нарече свој проштален филм.

„Имав долга кариера со која сум многу задоволен. Од мојата 21-ва година сум во ова, и сега, кога влегувам во осумдесеттите, време е да се повлечам и да поминам повеќе време со сопругата и семејството“ изјави тој во 2018.

Редфорд го гледаше Холивуд како станува сè поконтролиран и покомерцијален во 1970-тите. Со „Санденс“ сакаше да го врати креативниот дух и да отвори простор за нови автори далеку од притисоците на индустријата. Институтот служеше како школа, а фестивалот во Парк Сити, Јута, стана платформа за режисери како Квентин Тарантино, Стивен Содерберг, Пол Томас Андерсон и Дарен Аронофски.

„Клучниот збор за мене е независност. Верував во тоа и сакав да создадам категорија за независни уметници кои не добиваа можност да бидат слушнати“, рече тој во 2018.

Иако фестивалот беше критикуван заради комерцијализација, Редфорд инсистираше дека „Санденс“ секогаш бил изграден на база на различност и дека Холивуд само го презел она што независните филмови веќе го создадоа. Во 2025 фестивалот стана толку голем што беше одлучено да се пресели во Боулдер, Колорадо, од 2027 – универзитетскиот град каде што и самиот Редфорд студираше.

Редфорд беше страстен застапник за животната средина, инспириран од трансформацијата на Лос Анџелес во град на смог и автопати. Поддржуваше закони за чист воздух и вода, зачувување на земјиштето во Јута и членуваше во Одборот на Советот за природни ресурси.

Двапати беше оженет, последно со Сибил Загарс. Имаше четири деца, од кои двајца починаа – Скот Ентони (1959) и Џејмс Редфорд (2020).

Насловна фотографија: Принтсктин / Извор

Сподели