„Празно саќе“ – изложба на скулптури од Маргарита Симовска во КИЦ

Во продажниот ликовен салон на Културно-информативниот центар во Скопје утревечер во 20 часот ќе биде отворена изложбата на скулптури „Празно саќе“ од Маргарита Симовска. Таа вели дека со изложбата сака да го вклучи алармот за подигнување на еко свеста на глобално ниво.

-„Празно саќе“ се поврзува со природата, учи од нејзината мудрост и од нејзиниот начин на функционирање. Користејќи го принципот fair share, природата ни става до знаење: колку уништувајќи земаме дел од неа, толку треба да и возвратиме за да ја зачуваме. Овој принцип го користам за да ја изразам мојата голема љубов кон природата – објаснува авторката.

Маргарита Симовска (1986, Скопје) дипломирала на Националната ликовна академија во Софија, Бугарија, на отсекот за монументално сликарство во 2009 година. Во моментот е на постдипломски студии за визуелни уметности на Интернационалниот балкански универзитет, на Факултетот за ликовна уметност и дизајн во Скопје. Оваа ѝ е трета самостојна изложба. Учествувала на повеќе групни претставувања. Работи како ликовен педагог, воедно е асистент на академик Газанфер Бајрам во ателјето за мозаик при МАНУ. Изложбата во КИЦ ќе биде отворена до 2 октомври.

Сподели