„Риголето“ како на филмско платно

Дали е можно да се гледа филм во живо? Да, и тоа се случи минатата недела во Националната опера и балет. И не беше првпат. Операта „Риголето“ од Џузепе Верди во режија на Пјер Франческо Маестрини од Италија премиерно беше изведена на отворањето на Мајските оперски вечери годинава.

Гилермо Нова од Шпанија создал таква сценографијата, што уште првата сцена неодоливо навлекува на чувството дека гледате филм. Огромната фонтана на кат, украсена со винова лоза и гроздови, надополнета со лелеавите прозрачни женски костими и цветови во косите, и масовната сцена со машкиот хор создава прават подвижна слика создадена од четката на Рембрант. Нежна проѕирна завеса со аплицирани дебелки ангели ја покрива целата сцена и ù дава длабочина на филмско платно.

И почнува дејството – дворецот на војводата од Мантова, страсно, но нечесен љубител на жени, дворскиот шут Риголето кој очајно се обидува да ја спаси честа на својата убава ќерка Џилда која несреќно се вљубува во лажливиот војвода…

Леон Ким од Јужна Кореја драматично го изградил ликот на Риголето, особено во првата сцена, облечен како дворски шут со идентична кукла в раце. Одлично му парираа Чуан Ванг од Кина во улогата на Војводата од Мантова, Биљана Јосифов во улогата на Џилда, Владимир Саздовски како Спарафучил и Николина Јаневска во улогата на неговата сестра, Мадалена. Костимографијата на Кристина Ачети од Италија е комплетно во функција на режијата и на идејата операта во три чина да се изгледа во еден здив, како на филмско платно. А Џанлука Мартиненги е веќе одомаќинет диригент во Националната опера и балет и со оркестарот дишат како едно.

Долг аплауз доби целата уметничка екипа која создала дело што веројатно не се среќава често ниту на големите сцени. А носечката арија: La donna è mobile, qual piuma al vento … уште долго ќе одѕвонува во сеќавањата на публиката.

(В.И.И.)

Фото: Национална опера и балет

Сподели