Талентирани ученици, идни научници, награди на 4. Конференција на „Наука за деца“

Зоран Илијоски ја доби наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“, а наградата „Колега Стиков“ ја доби Александар Муриќ

Ученикот Зоран Илијоски ја доби наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“ на 4. Конференција „Наука за деца“ што се одржа вчера и завчера во скопското училиште НОВА. Наградата „Колега Стиков“ ја доби Александар Муриќ за видеото посветено на теоријата на релативноста на Алберт Ајнштајн.

Во преполното фоаје на НОВА завчеравечер беше отворена конференцијата што четврта година по ред ја организира Фондацијата „Кантарот“ и платформата „Наука за деца“. Присутните ги поздрави директорката на фондацијата, Драгана Стикова која ја претстави нивата работа во изминатава година која кулминираше со дводневниот настан.

Драгана Стикова

– Сепак, тука не завршуваат нашите активности годинава. Во декември во Абу Даби ќе организираме Денови на научно издаваштво, а наскоро ќе го отвориме и Центарот „Наука за деца“ во центарот на Скопје каде науката ќе им биде уште подостапна на децата во текот на целата година – рече Стикова.

Иван Новаковски

Иван Новаковски, директорот на НОВА рече дека е среќен што трета година по ред се домаќини на конференцијата и се дел од нешто посебно.

– Годинава тема на конференцијата е ВИ, нешто што нам ни е секојдневие. Учениците во НОВА секој ден користат вештачка интелигенција половина до еден час. И ја користат многу попаметно од нас, возрасните – рече тој.

Узлем Џанел

Присутните го поздрави и холандската амбасадорка Узлем Џанел. Холандија годинава беше земја во фокус на конференцијата. Во изминатиот месец учениците создаваа постери и уметнички дела инспирирани од холандски научници. Изложбата беше отворена во рамките на конференцијата.

– За уметност и култура е потребен креативен потенцијал, науката пак, пронаоѓа проблеми и ги решава. И тоа е една непрекината состојба. И тоа се универзални јазици. Науката не разликува слоеви и класи. Ако сте доволно пасионирани за наука, таа ќе ве однесе каде што никој не бил порано. Можеби вечерва тука со нас е некој иден Нобеловец што ќе открие нешто чудесно. Тука сме да сонуваме – рече Џанел.

Ангела Туневска

Следуваа предавањата на трите стипендистки кои во изминатата година работеа со македонски научници на странски универзитети. Ангела Туневска одржа предавање на тема „Каде е физиката во вештачката интелигенција“, а ментори ù беа Илија Дуковски (Boston University), Андреј Ристески (Carnegie Mellon University).

Софија Петковска

Софија Петковска зборуваше за „Антибиотска резистенција“, презентација што ја подготви под менторство на Билјана Мојсоска (Roskilde University).

Деа Атанасов зборуваше на тема: „Кога клетките ќе престанат да дишат“, предавање што го подготви со Илија Дуковски.

Огнен Јанески (лево) и Александар Динев

Вечерта ја водеше Огнен Јанески, а тоа беа и робот-кучето АВВИ и младиот тиктокер Александар Динев кој годинава соработуваше со тимот на „Наука за деца“ и ја популаризираше науката меѓу младите. Во изминатиот месец неговите видеа биле прегледани околу 500.000 пати.

Александар Динев, Александар Муриќ и Никола Стиков

Проф. д-р Никола Стиков, основач на „Кантарот“ ја врачи наградата „Колега Стиков“ посветена на неговиот покоен татко, доајенот на нашето спортско новинарство, Александар Стиков. Тој емотивно го доживеа аплаузот со кој публиката му оддаде чест на неговиот татко. Стиков и музичарот Никола Перевски-Пере ја најавија и музичката работилница следниот ден.

Наградата „Иван Ќостаров“ ја доделува неговата сопруга Венка Симовска. Во конкуренција за наградата годинава беа учениците: Огнен Арсевски, Софија Салтировска, Јаков Грујовски, Зоран Илијоски и Злата Мицевска.

Фото: Никола Гелевски-Бане

Драгана и Никола Стикови

Сподели