Режисерот Дејан Ангелов ја постави „Креонт и Антигона“ во Велес

На големата сцена „Петре Прличко“ на театарот „Јордан Х.К-Џинот“ во Велес, задутревечер (15 декември) во 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Креонт и Антигона“, авторски проект на режисерот Дејан Ангелов. Во создавањето на претставата се користени текстови од Жан Ануј, Софокле и други извори.

На претставата Ангелов соработуваше со: сценографот Филип Коруновски, костимографот Раде Василев, композиторот Ставре Ангелаков, а плакатот е дизајн на Никола Пијанманов. Улогите ги толкуваат: Самоил Стојановски – Креонт, Кристина Зафирова – Антигона, Слободанка Чичевска – Хор, Елизабета Стефановска – Исмена, Исидор Јовановски – Хемон, Фаик Мефаилоски – Стражар и Едис Дурмишевски – Дете.
Според режисерот Ангелов, Креонт е антипод на Антигона, но не целосен. Бидејќи и тој ја носи во себе Антигона. Неговиот конфликт не е со Антигона, туку со самиот себе.

– Антигона е само надворешна проекција на конфликтот внатре во него со заглушеното премудро дете. Тоа е повеќе трагедија за Креонт отколку за Антигона. Бидејќи тој што ја прави трагичната грешка e Креонт и неговиот хибрис е арогантноста спрема детето во него. Тој што треба нешто да научи или поточно да се присети е Креонт. Aко му се довериме на Јунг кој вели дека чувството е поумно од студениот разум тогаш човекот денес мора да си ја врати загубената сила на детското „незнаење” и одново да мисли со целото суштество , а не само со умот. Антигона во една реченица е драмски текст којшто најпластично ја илустрира Кантовата максима/принцип: „Ѕвезденото небе над мене, а моралниот закон во мене. Односно, единствено оружje на човекот против бескрајот и апсурдот е моралниот закон внатре во него – или совеста – Антигона е нејзин инструмент – вели Ангелов.

„Креонт и Антигона“ е трета премиера на Велешкиот театар за оваа година, по „Елегија во пет здива“ и „Инферно“. Првата реприза е на 16 декември.

Сподели