„На кино со баба и дедо“ во Битола

Акцијата „На кино со баба и дедо“ утре продолжува во Битола, во киното „Манаки“ во 19 часот. Пред битолската публика ќе биде прикажан македонскиот филм „Дедо и внук“ од 2019 година, во режија на Илија Пиперковски. Станува збор за емотивна семејна драма, која е во контекст на целата кампања „Да ги слушнеме и гушнеме“ на „Халкбанк“ – помладите да им укажат почит на повозрасните, покажувајќи им дека се тука до нив, со желба да поминат што повеќе време заедно.

– Идејата е многу благородна и со радост ја прифативме. Младите треба да ја црпат својата мудрост од генерациски собираното знаење, а тоа најдобро може да се добие од баба и дедо. Бидете што почесто со нив и учете од нивното искуство – порачува Лили Бошевска, директорката на Културно-информативниот центар во Битола.

Филмот викендов беше прикажан во Кинотеката во Скопје, а помина во необично убава атмосфера.
– Беше прекрасно да се видат баба и внука, дедо и внук, внуци заедно со баба, дедо и своите родители како уживаат во филмот. Имаше и возрасни луѓе кои на кино ги поканиле своите повозрасни роднини и пријатели. Се надеваме дека барем на дел од нив ова ќе им прерасне во некоја мала традиција. Нашата желба е да потсетиме колку е важна таа меѓугенерациска врска за нашето општество, за нашата традиција. Силно веруваме дека сè уште најважните работи за животот ги учиме според онаа народната – од колено на колено. Продолжуваме водејќи се од нашиот слоган „Важни се луѓето“ – вели Маја Наумовска-Савеска од „Халкбанк“ АД Скопје, организатори на кампањата.

Влезот на кинопроекцијата на „Дедо и внук“ е слободен. „Да ги слушнеме и гушнеме“ е кампања која го свртува вниманието кон повозрасната популација, сакајќи да потсети колку е таа важна за општеството, а нејзиното искуство бесценето во градењето на систем од трајни вредност. Сите настани и активности се најавуваат и документираат на веб-страницата www.cuvarinamudrosta.mk

Сподели