Ретроспектива на стружанецот кој сиот живот им го посвети на уметноста и сликарството

Ретроспективите се важни за да се потсетиме на огромните напори што овие автори ги вложувале во своето творештво за осовременување на македонскиот ликовен и културен живот, кој се одвивал во тешки економски и општествено-политички услови

Ретроспективна изложба на творештвото на Вангел Коџоман (14 февруари 1904, Струга — 28 септември 1994, Скопје) во спомен на 120 години од неговото раѓање ќе боде отворена на 19 ноември во 20 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје. Ќе бидат изложени неговите портрети и пејзажи, боите и светлината на неговиот роден крај. Куратор на изложбата е Александра Зиновски-Вилиќ, а ќе биде поставена до 20 декември.

Вангел Коџоман, „Автопортрет“, 1948

– Почитта која му се оддава на уметникот значи повторна средба на неговите дела со публиката, кои по подолг временски период се изложуваат и нè потсетуваат на едно минато време забележано со вештата сликарска рака. Коџоман ù припаѓа на првата генерација академски образовани уметници, заедно со Димитар Пандилов, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, а нешто подоцна и Василие Поповиќ-Цицо, Димо Тодоровски, Томо Владимирски и Љубомир Белогаски, кои се сметаат за основоположници на македонската модерна уметност – велат од Националната галерија на Македонија.

Ретроспективите се важни за да се потсетиме на огромните напори што овие автори ги вложувале во своето творештво за осовременување на македонскиот ликовен и културен живот, кој се одвивал во тешки економски и општествено-политички услови. Тие твореле во времиња кога уметноста не ù била толку блиска на пошироката јавност, во период обележан од војни, сиромаштија и несигурност. Делата на овие автори се своевидно сведоштво за тие минати времиња, белези сè што нè потсетуваат на промените кои се случувале, а кои уметниците ги доживувале на ним својствен длабок, емотивен, индивидуален начин.

Вангел Коџоман, „Мотив од Прилепско“, 1953

– Во творештвото на Вангел Коџоман тешко може да се издвојат одредени фази. Грубо, тоа може да се подели на два временски периода: пред Втората светска војна до 1950 година и од педесеттите до осумдесеттите години. Првиот е период кога во неговите дела се забележува академскиот реализам, како и постимпресионистичко влијание од белградската ликовна школа, додека вториот се карактеризира со веќе формиран личен колоритен експресионизам кој преовладува во неговите дела, а со елементи од фовистичкото сликарство – вели Зиновски-Вилиќ.

Она што најмногу ќе го обележи творештвото на Коџоман е неговиот придонес во обработувањето на многу различни теми. Интересот кон сè што го опкружува со помош на својот сликарски занает вредно го бележи, црта, слика. Се чини дека не постои тема која тој не ја обработува или, пак, не се обидува да ја стави на хартија, на платно. Масло, пастел и акварел се техниките со кои ги работи своите дела на темите: актови, портрети, пејзажи, мртви природи, како и дела со мотиви од староградската архитектура, дела со социјална тематика и дела со историска содржина. Сепак, најпрепознатлив е по пејзажот и портретот, во кои ги остварува своите најголеми и најзначајни дела.

Вангел Коџоман, „Женски портрет“, 1935

– Ликовниот опус на Коџоман е многу голем. Пред сè, тоа се должи на неговата мисла дека уметноста треба да биде меѓу луѓето, дека таа му припаѓа секому и дека не треба да биде ничија привилегија. Оттука ја црпи својата истрајност, дисциплинираност и посветеност кон работата. Третманот на сите техники во кои се изразува за него имаат иста важност и вредност, како и темите кои ги обработува во текот на својот творечки живот, што ќе го одбележи како особено плоден автор, препознатлив и запаметен како сликар на македонското поднебје – вели Зиновски-Вилиќ.

До крајот на својот живот вредно, одговорно и со огромна љубов ќе биде посветен на својот занает: уметноста и сликарството. Улогата на Вангел Коџоман како еден од основоположниците на македонската модерна уметност ќе остане забележана и високо вреднувана во историјата на македонската уметност.

Вангел Коџоман, „Старо и ново Скопје“, 1948/49

Фото: Национална галерија на Македонија

Сподели